Претседателката на „Транспаренси Интернешнал“, Слаѓана Тасева вели дека носителите на јавни функции треба да бидат настрана од постапките за јавни набавки и всушност тие треба да интервенираат само како надзор, доколку биде прекршена одредена постапка во процедурата.

„Формално, во постапките за какви било јавни набавки, по функција не е вклучен генералниот секретар на Владата. Каков било изговор зошто се вмешал и зошто е разговарано на оваа тема не е издржано. Ова не е работа на генсекот и тој треба да објасни зошто се нашол во ситуација воопшто за тоа да разговара“,вели Тасева во изјава за Радио Слободна Европа.

Според неа, евентуалната вклученост на генералниот секретар во таа постапка може да се оправда само доколку се работи за информативен разговор.

„Ако тоа било чисто информативен разговор и затоа добил задача да информира, тоа веројатно спаѓа во надлежностите на тој што му дал такви задачи, но сепак тој треба на јавноста да и објасни зошто се нашол во ситуација да зборува за таа работа“, вели Тасева.