Јавното обвинителство веднаш и неодложно да побара определување на мерка притвор за Драги Рашковски и другите вмешани во скандалот со  доделувањето тендер на италијанската компанија Леонардо во вредност од 7 милиони евра, со цел непречено одвивање на истрагата, побара денеска членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска.

Таа потенцираше дека постојат сериозни индиции дека Рашковски сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 според кое му  се заканува казна затвор од најмалку 5 години.

„Информациите кои излегоа во медиумите укажуваат дека Рашковски доделува тендер на италијанската компанија Леонардо за набавка на систем за управување со  воздушниот простор  во вредност од 7 милиони евра,  иако важноста на тендерската документација е истечена, спротивно на заклучокот на владата, како и во спротивност со одредени законски решенија, за кои како што се вели во снимките требало да бидат сменети. Јавното обвинителство треба да се ослободи од притисокот на Зоран Заев и да поведе постапка за расчистување на овој случај во кој постојат сериозни индиции дека е оштетен Буџетот на Република Македонија“, рече Василевска.

Според неа Јавното обвинителство треба да побара притвор затоа што постојат сериозни можности Рашковски   од позицијата на Генерален секретар на Владата да влијае врз текот на постапката, сведоците, вештаците, соучесниците и прикривачите.

„Имајќи во предвид  дека се работи за државен функционер од висок ранг , кој има сериозен број на контакти во земјава и странство  можно е и бегство на истиот. Дополнително Јавното обвинителство треба да побара мерка притвор затоа што постојат оправдани сомнежи дека Рашковски може да го продолжи кривичното дело и да стори ново дело, особено ако се земат во предвид обвинувањата на поранешниот директор на Клинички центар Скопје, Ваљон Беља кој тврди дека Рашковски бил вмешан и во местење тендери и земање провизии и од тендери во министерството за здравство“, рече Василевска.

Таа порача: „Доколку Јавното обвинителство сепак подлегне под притисокот на Заев и не отвори случаи, истите ќе бидат процесуирани по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, кога ќе има одговорност како за сторителите, така и за прикривачите низ институциите.“