Групата земји во Советот на Европа за борба против корупцијата (ГРЕКО) денес го објави во Стразбур извештајот за Северна Македонија во кој ја повикува владата „да ја зголеми транспарентноста на својата работа и да ги деполитизира полициските сили“.

За Владата во Скопје ГРЕКО има поставено домашна задача од исполнување на 23 услови кои македонските власти треба да ги спроведат до септември 2020 година. Во претходниот извештај во 2018 година оваа организација ја критикуваше владата на Зоран Заев затоа што од 19 препораки исполнила само 6.

Овој пат целиот извештај може да се сумира во една реченица – Стразбур во извештајот вели дека „иако законска рамка за борба со корупцијата постои, нејзината примена е слаба“.

Неколку точки Стразбур особено ги потенцира – првин тоа е слабата транспарентност за владините активности, а ГРЕКО повикува ова особено да се однесува на високите владини функционери.

„Ја повикуваме Владата да дозволи пристап на јавноста до информации кои се однесуваат на имиња и функции на тие кои учествуваат на владините седници за да се обезбеди транспарентност за контактите на владините претставници со лобисти и трети страни кои бараат влијание во носењето одлуки“.

Во фокусот е и полицијата. „ГРЕКО смета дека има многу силна потреба од деполитизирање на полицијата во Северна Македонија. Поточно, повикува на јасно разграничување меѓу политичките сили во МВР и на полицијата со цел неа да и се обезбеди доволен степен на оперативна независност“.

ГРЕКО смета и дека пристапот до информации од јавен карактер општо е слаб, и покрај законската рамка и уставните принципи кои постојат. Оваа организација потенцира дека иако постои законска рамка за борба против корупцијата од 2002 година, „ГРЕКО смета дека нивната имплементација е слаба“.

„Државната комисија за спречување корупција во нов состав е формирана годинава;за да се направи ова тело ефикасно и граѓаните да имаат доверба во него е важен предизвик со кој таа е сочена во иднина“, се наведува во извештајот.