Министерството за внатрешни работи мора јавно да го објавува годишниот буџет за своите активности и да го смени етичкиот кодекс на полицајците. Ова се само дел од препораките на ГРЕКО, што се однесуваат на МВР и треба да бидат реализирани до крајот на септември идната година.

Според професор Ана Павловска-Данева, ГРЕКО бара континуирани обуки на министерот, највисоките функционери и на сите полицајци и задолжителни тестови за интегритет и конфликт на интереси.

Ќе мора да се менуваат законите за внатрешни работи и за полицијата. Посебно треба да се обрне внимание на критериумите за избор на директор на Бирото за јавна безбедност, при што максимално треба да дојде до израз професионалноста. Оценка е дека внатрешната контрола функционира добро, но оти таа не е доволно одвоена од политичкото влијание. Во поглед на транспарентноста, неопходно е да се објавува и буџетот на МВР, изјави Павловска-Данева.