Денеска и официјално почна скрининг процес како последна фаза од подготовките за почеток на преговори за членство во ЕУ. На денешната средба во Брисел екипа од 40 експерти од земјава и од ЕК го отворија поглавјето 23, односно судство и основни права кое една од клучните области каде треба да се спроведат реформи.

Вицепремиерот Бујар Османи наведе дека Македонија ќе работи на исполнување на сите обврски од овој процес, односно реформите, а паралелно ќе ги исполнува и билатералните договори со Бугарија и Грција.

Министерката за правда рече дека владата е посветена во спроведување на реформите.

Директорот на Директоратот за проширување на ЕУ, Кристијан Даниелсон преку социјалните мрежи наведе дека почетокот на скринингот ќе им даде поттик на реформите.

„Со почнување на техничкиот скрининг влегуваме во динамична фаза која има за цел да ги поттикне реформите од кои ќе придобијат сите граѓани. Денешниот ден претставува историски ден на патот кон ЕУ.“  напиша Даниелсон.

Екипите ќе работат и утре, а ќе се приклучи и еврокомесарот Јоханес Хан. Скрининг-процесот трае околу една година во чии рамки се очекува да се одржат уште 32 средби.