Доколку вонредните парламентарни избори би се одржале во ноември, на гласање би излегле 45% од партиски определените граѓаните запишани во избирачкиот список.

Ова го покажува најновата теренска анкета на ИПСОС, спроведена од 2 до 21 на 1.021 испитаници, по нарачка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Резултатите од анкетата покажуваат дека во моментов највисок рејтинг има ВМРО-ДПМНЕ со 19%, што е дури 10 отсто повеќе од владејачкиот СДСМ за кого се изјасниле само 9%. Натаму следуваат ДУИ со 6%, Левица 5%, Алијанса на Албанците 2%, и Беса, ДПА и Алтернатива со по 1 процент.

Преведено во бројки, од определените 815.000 гласачи, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 335.000, за СДСМ 155.000, за ДУИ 115 .000, за Левица 80.000, за Алијанса на Албанците  35.000 и за Беса некаде околу 16-17.000 граѓани.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има највисок рејтинг меѓу политичарите. Прашани да ја оценат работата на политичарите со оценка од 1 до 10, најголем дел од анкетираните висока оценка дале за Мицкоски. Неговата работа е оценета со 7, додека премиерот Димитар Ковачевски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и на Левица, Димитар Апасиев добиле тројки. Според изјаснувањето на граѓаните на второ место е претседателот Стево Пендаровски со оценка 4. Поранешниот премиер Зоран Заев, пак, е оценет со 1.

На премиерската функција 74% од Македонците го гледаат Христијан Мицкоски, додека за Димитар Ковачевски се определиле 26 отсто. Кај Албанците, пак, сликата е обратна, дури 80% му даваат предност на Ковачевски, наспроти 20 отсто за Мицковски. Кај останатите етнички заедници Мицковски има предност, 62% го гледаат како премиер, наспроти 38%, кои се изјасниле за Ковачевски.

На прашањето „Дали го поддржувате францускиот предлог“, 61,8% од испитаниците одговориле „не“, а 25,1% одговориле „да“. Кај Македонците доминира „не“ кај дури 75%, а само 13 отсто се изјасниле со „да“.

Кај Албанците сликата е обратна. Поддршка на францускиот предлог дале 53%, а против се изјасниле 32 отсто. Кај сите останати етнички заедници со „не“ одговориле 54 отсто, а со „да“ 29 поценти.

На прашањето „Дали Македонија се движи во правилна насока“ високи 66, 3% оцениле дека се движи во погрешна насока, а не цели 20% или 19,8 отсто одговориле со „да“. Интересно е што над половината од испитаниците, 54%, кои на последните парламентарни избори гласале за СДСМ, сега оценуваат дека Македонија се движи во погрешна, а 36%  во правилна насока. Дури 59% од гласачите на ДУИ оцениле, пак, дека Македонија се движи во правилна, а 36 отсто  во погрешна насока.

Економската состојба е загрижувачка за 22% од испитаниците, за 19% лошиот стандард, малите плати и инфлацијата, за 8% невработеноста, за 6% енергетската криза, а за 5 отсто тоа биле криминалот и корупцијата.