На 21 април мислам дека и изборно ќе ги делегитимираме, се разбира тие се одамна делегитимирани оти нелегитимно е нешто да сторите за што не сте го добиле мандатот на изборите, прелистајте ги нивните програми, никаде нема да најдете дека бараат дозвола од народот за да го сменат името и тоа не само за меѓународна употреба, туку и за дома, ќе одговараат еден ден. Но најстрашно е не кога одговарате пред судот, туку пред народот, оти тоа ќе ги боли, оти неморално е она што се случува, не етички е тоа што се случува ,истакна  на вечерашниот митинг во Велес кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова.

Таа додава дека по победата на 21 април ќе се отвори пат за предвремени парламентарни избори.

Таа посочи дека атмосферата која што ја гледа од митинзите и енергијата од граѓаните и се мотив да се бори да победи на претседателските избори и да овозможи правото и правдата да завладеат во земјава.

„Замислете на денешниот натпревар химната била интонирана без зборови. Епа се прашувам дали тогаш е слободна Македонија, ако е иредентизам да ја пеете химната? Дали е ова слободна земја и дали навистина не треба повторно да се бориме за право и правдини, ако Уставот ги пишува трите најважни симболи на државата меѓу кои и химната, покрај грбот и знамето. И се прашувам дали за власта важат законите оти има закон што се носи со 2/3 мнозинство, исто со какво се носи и Уставот за да се каже какво е значењето и јачината на химната, дали важи овој закон за премиерот и за владата. Се разбира сите се под Уставот и законите во слободна земја, ама јас се плашам дали оваа земја се уште е слободна“, нагласи Сиљановска Давкова.

Сиљановска Давкова додаде дека власта заборави дека е тука поради народот, а не заради своите кариери и бизниси.
Ви го ветувам мојот респект, ветувам дека пред Собранието ќе се обраќам во вашето име, дека ќе ги нотирам, дека ќе ги адресирам вашите проблеми зошто кога е претседателот во прашање нема ваши и мои проблеми. Сите проблеми се на претседателката, сите проблеми се мои проблеми и јас сум должна, зошто мојот дигнитет е врзан за вашиот, зошто мојот легимитет извира од вашиот, вас да ве застапувам пред пратениците и владата, рече Силјановска.