„За да биде држава, треба да има владеење на правото. Немаме друга опција, освен ЕУ и НАТО, а корупцијата и невработеноста мора да запрат“, порача претседателскиот кандидат Блерим Река на митингот во тетовско Желино.

„На 21 април ќе се случи голема промена со политичкото минато, а концептот кој го нудам ќе ги корегира досегашните политики на власта, порача Река.

Пред присутните во Желино се обрати и претседателот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села кој упати критики до СДСМ и ДУИ зашто, според него, Албанците во оваа коалиција не се добро претставени.

„Имаме должност да ја тргнеме вашата маска и тоа што 18 години манипулирате со Албанците. Ние некогаш нема да поддржиме некој кој не е како нас и не е Албанец“, нагласи Села.

ДУИ ја прозва и претседателот на БЕСА, Билал Касами кој рече дека партијата на Ахмети не треба да прават ваков консензус зашто „кога правиш нешто, прво зборуваш со браќата, а не со соседите”.

„Пендаровски знае дека нема да го има чистиот глас на Албанците. ДУИ во 2014 година не го поддржа зашто беше опозиција, а сега му дава поддршка зашто е дел од власта“, истакна Касами.