„Некако во последно време, тоа што сакам да го соопштам како прва убава вест доаѓа пред време онаму каде што јас доаѓам. Но, разбирливо е бидејќи тоа се слуша насекаде во сите градови во сите села, се зборува на собирите низ булеварите, во домовите на нашите сограѓани, а тоа е дека жена ќе биде претседател на Републиката. Така што добри луѓе, браќа и сестри победуваме на 21 април, а потоа и на 5-ти мај“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Велес.

Според него денешниот митинг во Скопје на опонентите бил фијаско.

„На тој митинг, на тој собир на наши сограѓани кои што дошле таму да му дадат поддршка на Пендаровски Стево го слушнавме Заев Зоран како мене ме критикува и како вели дека тој не само што го забетонирал идентитетот туку претпоставувам во меѓувреме се консултирал и со неговиот брат околу градежништвото, па додал и малце арматура во бетонот. Па толку бил цврст тој бетонот што не можело да биде поцврсто. Еве овде од Велес ќе се обидам да му одговорам на Заев Зоран, за неговиот идентитет и црвстината на бетонот. Не така одамна на платото пред институцијата која што треба да го симболизира токму тој идентитет, Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со неговиот нов пријател се срамеа да слушаат дека денес над Македонија се раѓа и дека Македонците се борат за своите правдини. Се срамеа да ја постројат македонската гарда и да го постројат, оркестарот на Армијата на Република Македонија кои што требаше да ја интонира македонската химна. А за селфи се разбира секогаш има. Таму господине Заев вашиот идентитет кој што го зачленивте дополнително и со арматура во него, се урна како кула од карти, се урна како стиропор. Вие не само што немате право да говорите за чест и достоинство, за идентитет туку немате ниту никаква доблест да излезете пред граѓаните и да им се извините за сите оние неправди и понижувања и омаловажувања кои што ги направивте овие две години“, вели Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека доаѓа време кога во Македонија законите ќе важат за сите престапници кои се огрешиле пред нив, кои сториле криминал и од прв до последен има да одговараат пред тие закони. Во Европа не може да се оди со полни вреќи украдени пари, забележа тој.

„Не можеме ние да одиме во Европа по принципот на политички прогон, нарачани обвиненија, диригирани судски пресуди со политички неистомисленици. Не можеме ние да чекориме и одиме во Европа ако се закануваме дека живи луѓе ќе јадеме. Тоа го гледаат тие во Европа и тие такви луѓе не сакаат таму. Таму треба вистински луѓе кои што знаат да спроведат структурни реформи, луѓе кои што знаат да направат богата држава и среќни граѓани. Во Европа се оди си исправена кичма, а не со подвиткана кичма, недостоинствени, омаловажени и пониќени. Тоа го гледаат тие луѓе таму и со насмевка и со шега говорат за нашата татковина за жал денеска. Затоа што имаме таков човек кој што ја претставува Македонија во Европа кој што за жал денеска е премиер’, потенцираше Мицкоски.