Претседателот Стево Пендаровски го извести претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, дека одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

Во известувањето меѓудругото се наведува:

Мојата одлука да не го потпишам Указот за прогласување на Законот ја донесов врз основа на детална анализа на текстот на Законот, при што утврдив дека текстот на Законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Исто така, сметам дека текстот на Законот нема општествена оправданост односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт.

Како претседател на државата се заколнав дека ќе ги почитувам и штитам Уставот и законите. Таа обврска подразбира не само формално почитување и спроведување на Уставот и законите, туку, многу повеќе, промоција на правната култура. Правната култура е одлика на сите цивилизирани заедници, а владеењето на правото и заштитата на јавниот интерес е принцип на сите демократски држави. Впрочем, владеењето на правото е основниот услов за остварување на стратешката цел на нашата држава за интеграција во Европската Унија, за чиешто остварување работеле и работат сите досегашни претседатели, состави на Собранието и влади. Како убеден демократ и легалист верувам во водењето на политиката во границите на правото и затоа не можам да се согласам од неправото да создаваме право. За жал, усвоениот Закон е пример за такво поведение.

Во таа насока, апелирам до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот.