Граѓаните што употребуваат марихуана и производи направени од канабис, не треба да бидат третирани како криминалци, особено не во услови кога државата дозволува големи компании од истото да прават мултимилионски бизниси, побараа од здружението „Билка“, коешто се бори за легализација на канабисот.

На протестот пред Основното јавно обвинителство, по одредувањето 30 дена притвор за активистката за легализација на канабисот, Моника Ристевска, од здружението потенцираа дека е почната процедура за донесување законски измени, со коишто ќе се прекине ригидната политика на органите на прогонот кон уживателите на марихуана.

Ристевска доби притвор откако од ОЈО поведоа истражна постапка против неа за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“

Ристевска е осомничена дека во текот на 2017 и 2018 година, во повеќе наврати, искористувајќи исти прилики и ист траен однос, неовластено набавила наркотична дрога марихуана, од која што со понатамошна преработка добивала наркотична дрога хашиш и други опојни средства, кои потоа ги продавала на уживатели на територијата на Град Скопје.