Претседателката на Македонската асоцијација на новинарите (МАН), Ивона Талевска на денешниот протест побара да запре прогонот врз медиумите и новинарите. Протестот беше организиран за поддршка на новинарот од Инфомакс, Александар Митовски, откако Обвинителството покрена обвинителен предлог против него, затоа што објавил записник од исказ за случајот „Рекет“.
„Овој протест на МАН е под мотото ‘На новинарскиот збор одговорете со збор, а не со апсење и прогон и обвиненија’, и тоа сакаме да го порачаме. Додека го одржуваме овој протест пред ОЈО, во просториите на ‘Нетпрес’ се врши претрес за објавена истражувачка сторија. Тоа се методите на ОЈО. Се водат над 60 истраги, предистраги и процеси против медиуми и новинари кои не се блиски на актуелната владејачка структура. Тоа го правеше СЈО, сега го прави ОЈО. Ова мора да запре“, рече претседателката на МАН, Ивона Талевска.
Новинарот Митовски вели дека притисокот што се прави е неподнослив.
„Овој протест не е за мене, туку за сите нас од фелата кои сакаме да работиме чесно. Тука видов луѓе кои се остри соперници, но застанаа рамо до рамо да ја бранат слободата на говорот. Мора да застанеме сите заедно, солидарно како колеги и да кажеме – Доста е на сите овие притисоци. Се надевам дека сите овие апели ќе стигнат до обвинителот Јовески, до премиерот Зоран Заев и до сите надлежни“, рече тој.
Против Митовски е поднесено обвинение за објавување на материјали за случајот „Рекет“.
Comments are closed for this post.