„Во оваа општина во 2014та година според реалните бројки победивме многу на малку. Во оваа општина 2016та победивме многу на малку. Во 2017та доаѓам да му помогнам на еден од најдобрите млади градоначалници во последниве 20 години кај нас и победивме многу на малку. И ако драги пријатели не победиме на 21ви и на 5ти многу на малку немој да ми излегувате на очи“, порача кандидатот за претседател, Стево Пендаровски на вечерашната трибина во скопската општина Карпош.

Тој потенцираше дека оваа генерација македонски политичари во овој мандат ги решава најголемите проблеми на оваа држава од независноста до денес.

„И како што гледате сите ние предводени во тие процеси од Зоран Заев  успеваме сега еден по еден да ги решаваме  и да ги отвораме портите кон Европа и кон светот“, истакна Пендаровски.

Потсети  дека е потпишан Договор со Бугарија, со што, рече Пендаровски,  е тргната една крупна пречка на патот кон Европа.

„Подоцна се зафативме со спорот околу името меѓу Грција и Македонија за кој многумина меѓународни експерти мислеа дека е нерешлив и особено дека не може да се реши на позитивен начин за нас. Меѓутоа видовте го потпишавме Преспанскиот договор и во него не можете да најдете ниедна точка, ниту запирка која нам ни забранува да зборуваме на македонски јазик. Во Договорот постојат сите придавки македонски,  македонско и сите кодови. Нема друга држава во светот која ги има тие кодови, тие ознаки, тие маркери на  идентитетот името Македонија  во Уставот“, рече Пендаровски.

Тој нагласи дека заради Преспанскиот договор добивме покана за влез во најсилната воено политичка Алијанса во историјата  на човештвото. Посочи дека во првата половина од јули ќе добиеме и датум за почеток на преговори со ЕУ.

Осврнувајќи се на претходните претседателски избори, кога за претседател на државата беше избран Ѓорге Иванов, Пендаровски потсети на предметите „Титаник 1“ и „Титаник 2“ на СЈО, за изборни измами, со кои, како што рече,  е утврдено дека победата била украдена. – Ние сите, не само јас ќе бевме вистинските победници и во 2014 година, истакна Пендаровски.

За Пендаровски, Законот за јазици придонесе многу за затворање на прашањето наречено внатрешна кохезија и солидарност.

„Тоа беше последното  нормативното парче  од Рамковниот договор. Осумнаесет години по неговото потпишување Рамковниот договор е де факто сега архивиран. Тоа направи засилување на внатрешната кохезија“, рече, меѓу другото Пендаровски.

Пред граѓаните во Карпош, претседателскиот кандидат Пендаровски, потенцира дека според сите економски индикатори годинава е, како што најави Владата, рече,  година на економија, на инвестиции, на нови работни места и на нов развоен циклус.

Говорејќи за опозоцискиот концепт, Пендаровски рече дека немаат одговор на едно прашање, а тоа е ако го поништат Договорот од Преспа додека направат наводно подобар договор, како што рече, како ќе одиме во НАТО, како ќе отвориме преговори со ЕУ,  што ќе правиме во меѓувреме.

Според него, концептот и политиките на опозицијата се рецепт за нов конфликт, за нова изолација.