По налогот на бугарскиот премиер Бојко Борисов до Министерството за внатрешни работи и Државната агенција за национална безбедност, на проверка ќе се најдат документите и издадените пасоши на над 70.000 македонски „новобугари“.

Оваа бројка произлегува од објавените податоци на државните институции на Република Бугарија, што по избивањето на аферата со пасошите ги објавуваа бугарските медиуми.

Борисов побара резултатите од проверката да бидат достапни за јавноста и институциите во најкраток можен рок.

Непосредно по обелоденувањето на скандалот, поранешната директорка на Одделот за бугарско државјанство при Министерството за правда, Катја Матева, во емисијата на bTV „Ова утро“, меѓу другото, наведе податоци за петгодишен период од 2011 до 2016 година. Според нив, бугарско државјанство добиле 70.000 лица од Македонија, 1.200 од Турција и 31.000 од Молдавија.

Вицепретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, пак, во нејзиниот извештај за 2017 година, има наведено дека  1.150 Македонци добиле бугарско државјанство. За одбележување е дека нејзиниот указ е последната етапа од процедурата за добивање државјанство.

Во истиот извештај е содржан и податокот дека од почетокот на оваа, 2018 година, па до крајот на септември биле издадени 6.819 бугарски државјанства, но притоа не се наведува од кои држави се „новите Бугари“ ниту, пак, основот врз основа на кој тие станале тоа. Бројките говорат дека тие се двојно поголеми од оние за истиот период од минатата година.

Во Бугарија, според нивните медиуми, се проценува дека од осамостојувањето на Република Македонија, па досега, околу 100.000 македонски граѓани добиле бугарски пасоши.

Кон крајот на октомври бугарското обвинителство разби група за трговија со уверенија за бугарско потекло, предводена од шефот на Државната агенција за Бугарите во странство. Според информациите, пасошите за новите Бугари се продавале за цена од 1.500 до 5.000 евра.