Најавувам како партија дека влегуваме во она што го нарекувам втора епоха. Во втората епоха кај нас е потребно да направиме општествена мобилизација на секоја интелектуална сила и поединец во земјата, да допреме до секоја слободомислечка индивидуа и да подадеме рака во насока на преродба на државата, обнова и промени во партијата и во државата кои ќе ја донесат новата иднина – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако на фенешниот, 17.Конгрес на партијата доби доверба за уште еден претседателски мандат.

Според него во центарот на втората епоха се слободата на индивидуата и слободна волја за изразување на капацитетите кои ќе бидат во насока на градење на државата.

Мора да се излее таа енергија на креативните потенцијали надвор од рамките на партијата и ви говорам за општествена мобилизација на секоја кретивна индивидуа независно од партиската припадност која ќе биде моторот на напредокот и новата иднина која на сите нас ни е потребна. Втората епоха е повик до секој поединец, за зграпчување на неговиот порив помагајќи си себеси, вградувајќи се себеси во политичкиот активизам да се вгради во напредокот на државата, така да помогне за сите нас. Втората епоха треба да донесе слобода во сите нејзини аспекти, слобода на креацијата, ослободување од стегите кои со децении го стегаат човека и неговиот потенцијал, слобода на мислата која треба да донесе нови ветришта на меѓусебна почит и разбирање, слобода во изборот на поединецот, издигнување над работите кои денес го ограничуваат нашиот потенцијал. Втората епоха значи и подавање рака на секој еден интелектуалец, отпочнување на дијалог со мудрите глави на ова општество чиј глас се заборави меѓу децениите на разграбување на државниот капитал и доминацијата на лукративните поединци и медиокритетите кои уживаат во конформизмот граден на плеќите на луѓето кои ја крепат нашата нација. Дијалог со професорите, со писателите, научниците, младите, студентите, синдикатите, стопанството, коморите. Дијалог со луѓето поттурнати настрана, а чиј глас го сочинува она што го викам тивкото мнозинство – рече во својот говор старо-новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Тој изјави дека палката за општествено обединување ја зема ВМРО-ДПМНЕ и воедно ги повика сите слободни индивидуи да се приклучат.

Ви говорам за општествено обединување и таа палка со себе и пред себе ја зема ВМРО-ДПМНЕ и тој процес имам намера да го предводам со широко отворени раце пред секој еден човек и ги повикувам сите слободни индивидуи кои низ годините се распослаа низ светот, кои се демотивираа поради отсуството на организирано делување и станаа тивки пред неправдите, ги повикувам сите оние кои имаат свој став, кои имаат свое дело и почит кон себе и оваа наша земја, кои имаат визија, а кои губеа надеж низ годините, и кои се чувствуваат поразени не затоа што не се во право туку затоа што овие триесет години сите нас нè разединија, за полесно да владеат таквите медокритети, да им кажеме едно нешто – се обединуваме. Се обединуваме како тенки гранки собрани на едно место и во еден сноп кои стануваат непобедливи и нескршливи, и тој процес ВМРО започнува да го води по овој конгрес. Затоа јас ве повикувам сите тука, и сите оние надвор од оваа сала, и партиски определени и неопределени, придружете ни се. Победите не се промената која ја бараме туку само шанса да ја создадеме промената, да ја создадеме новата иднина. Но ништо не може да се промени ако не сме заедно во тоа, без вас, да се промени духот на служењето на народот, ни треба нов дух, па затоа да го покажеме тој дух, на тој заеднички патриотизам, за кого и во кампањата говорев, на одговорнност, кога секој од нас ќе одлучи да работи напорно и да се грижиме еден за друг – додаде Мицкоски.