Ако некој праша за што се бориме? Се бориме за Македонија каква што сакаме да ја видиме низ нашата доктрина која денес ја носиме. А доктрината не е само нашиот буквар, туку и нашиот двоглед кон иднината. Доктрина која ВМРО-ДПМНЕ ја сместува меѓу прогресивните партии во европското општество. Доктрината ја дефинира нашата борба за заеднички напредок и идеолошко и суштинско делување соочени со современите предизвици. Сигурно си го поставувате прашањето како до сево ова? Најавувам на овој 17-ти Конгрес нова политика, нов концепт на ЗАЕДНИШТВО, наречен Нов договор! Ни треба нов општествен консезус на сите рамноправни чинители околу она што треба да претставува нов заеднички патриотизам – порача старо-новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако денеска, на 17.Конгрес на партијата ја доби довербата за уште еден мандат.

Вели ќе се води според општествениот консезус и нема да отстапува од него, затоа што е убеден дека тоа значи напредок и реални суштински промени во државата, во начинот на рамислување, на делување…

На Македонија ѝ треба нов договор кој ќе го оделотвори заедничкиот патриотизам низ ново одредување за она што претставува наша првенствена цел. Таквиот општествен договор кој ќе го понуди заедничкиот патриотизам е враќање на нашите надежи за тоа како требаше да изгледа државата во моментите кога се создаваше, како активна целина на рамноправни чинители, која ќе обезбеди праведен напредок и еднакви можности за сите, од која идеја длабоко низ овие 3 децении се застрани. Ентузијазмот пак во деведесетите кој се изгуби од човечкото оттуѓување, изневерените очекувања од политичарите и транзициите кои ги обезвреднија вредностите создаде поделеност кај луѓето, нивно занимавање со националистички теми, и понекогаш некои мои пријатели велат со право дека националистичките романтизми се коската фрлена од политичарите за создавање на завеса зад која се кријат криминалните интереси на тие кои управуваат со државата. Денес нема ништо од тој по малку наивен но многу искрен идеал за среќна иднина со создавањето на своја држава и по векови и векови талкање да бидеме свои на своето. Новиот општествен договор кој ќе го донесе заедничкиот патриотизам преку мобилизација на секоја креативна индивидуа треба да ги сруши ѕидовите и планините кои политичарите ги создаваа меѓу граѓаните.

Вели заедничкиот патриотизам не е само празна флоскула туку филозофија врз кој почива втора епоха која вечерва ја најави.

-Заедничкиот патриотизам е да создаваме заедничко, искрено пријателство. Подавање на рака едни со други во име на напредок кој заеднички го сакаме. Заедничкиот патриотизам значи и отворање на ВМРО-ДПМНЕ кон сите Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и наша соработка за подобар живот. Заедничкиот патриотизам значи создавање на имунитет кон секој обид на манипулација на власта кон етничките прашања кои нè разединуваат. Видовме дека нема ваши и наши, дека сите ние сме под истиот покрив кој подеднакво прокиснува за сите, кому му треба поправка и силно реновирање за да го вратиме сјајот и да биде подеднакво заеднички. Заедничкиот патриотизам од тој нов договор подразбира да ги градиме училиштата во Битола и Тетово, подеднакво како во скопско Ѓорче и скопски Чаир. Заедничкиот патриотизам од тој нов договор е да си ги вратиме децата кои поради истите причини ни се распослаа низ светот и сега ги затворија куќите. Заедничкиот патриотизам треба да ни ја донесе прогресивноста и градењето на заеднички институции – рече Мицкоски.

Најави дека за овие прашање ќе разговара со секоја партија, со секој човек и фактор во државата.

Подготвен сум да разговарам со секој искрен политичар кој ќе застане зад она што треба да биде нов процес во државата. Еден пријател, ми вели, ја погрешивме од самиот почеток, тргнавме како држава, едните во еден правец, другите во друг. Јас велам, не е доцна да ја исправиме работата, и да одиме напред едните слушајќи ги другите, едните заедно со другите. Не е важно од каква боја или етничка припадност, каква вера има или партија доаѓа, но заеднички патриотизам е да имаме различност која меѓусебно ќе ја почитуваме. И солзите и болката, и надежта и среќата подеднакво ја чувствуваме. Мора да имаме почит за гробовите на хеорите, за делата на великаните, да бараме почит, и да ја даваме почитта. Заедничкиот патиотизам значи и отворање на вратите на ВМРО-ДПМНЕ за сите заедници кои веруваат во она во што веруваме и ние, рушење на границите, стереотипите и ново стратешко позиционирање кон сите останати заедници кои се дел од македонската нација – рече Мицкоски.