Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој денеска присуствуваше на чествување на празникот Богојавление – Водици во Охрид, коментирајќи ја ситуацијата со Законот за јазик, порача дека доколку се суди согласно правото во оваа држава овој закон треба да биде отстранет.

„Во целокупната процедура има многу недостатоци. Има многу дивјаштво, многу насилство, и сето она кое што се случуваше навистина не прилега на една демократска земја која што се стреми, планира да биде утре дел од европското семејство“, порача лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, одговарајќи на прашање во врска со претставката до Уставен суд за Законот за јазик.

Мицкоски потсети дека во текот на вчерашниот ден од партијата поднеле кривични пријави против луѓето, за кои како што рече, се соучесници во ова злодело и насилство врз основа на Уставот и законите, и парламентарните процедури.