Архимандритот Партениј од Бигорскиот манастир, кому вчера му беше врачена престижната награда „Граѓанин на Европа“ за 2018, во изјава за Пресинг ТВ негира дека во графата на добитници бил заведен како Бугарин.

Јас прв, ако имаше такво нешто ќе се побунев. Бугарија само е таа што мене ме предложила бидејќи е дел од Европската унија, но ако отворите на сајтот на Бигорскиот манастир, на таблото од свечената сала во ЕУ парламентот, можете да видите дека пишува Република Македонија, вели отец Партениј.

На табло во свечената сала, поставено беше кусо резиме за личноста на отец Партениј, напишано на англиски, македонски, бугарски, и француски јазик.

Отец Партениј вели дека само земјите од ЕУ може да предложат лауреат за наградата и затоа не може да стои поинаку. Што значи дека Бугарија за оваа година има лауреат од Македонија, а тоа според отецот е потенцирано со името на земјата во таблото во кое е впишано кусото резиме за личноста.

Архимандритот од Бигорскиот манастир, за Пресинг ТВ додава дека се чувствува Македонец и дека тоа го соопштил во обраќањето пред Европскиот парламент говорејќи за народите. Дотолку што и неговиот предлагач европратеникот од пратеничката група ЕНП/ГЕРБ, Андреј Ковачев, прашан од присутните во парламентот, што на Партениј му значат народите, сметајќи дека тоа не треба да се споменува, рекол дека нема проблем со македонскиот народ и јазик, истакнува Партениј.

Архимандрит Партениј е првиот граѓанин на Република Македонија што ја добива највисоката почесна награда на ЕУ „Граѓанин на Европа“. Но на официјалната страна на Европскиот парламент, поточно на листата на добитници на оваа престижна награда, во графата пред неговото име е запишана Бугарија, затоа што како што појаснува отец Партениј кандидати може да предлагаат само земји членки на ЕУ.