Кабинетот на претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, и опозициската ВМРО-ДПМНЕ за Пресинг Тв како лага и очаен обид за манипулација со јавноста ја оценуваат изјавата на премиерот Зоран Заев дадена на собраниската Комисија за уставни прашања оти за неговите телефонски разговори со грчките политичари биле информирани и шефот на државата и партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Премиерот Заев на седницата на собраниската комисија за уставните промени произлезени од договорот со Грција, реплицирајќи на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, меѓу другото, изјави:
Сведок е и господинот Мицкоски и господинот Иванов, секој разговор, секој преговарачки процес, секој телефонски разговор, информирав. Господ ми е сведок, информирав. Да, на крајот, точно е, имавме различен дел за внатрешната употреба. Ама одлуката мораше да се донесе. И во Грција  не беа сите заедно на преговарачкиот стол. Некој го зима гајлето и носи одговорност, моја е одговорноста и ќе ја преземам комплетно. Но, дајте да ја обезбедиме државата и сигурносно и безбедносно и од аспект на иднината.
Според Кабинетот на претседателот Иванов, целиот преговарачки процес се одвивал несериозно, неодговорно и нетранспарентно, без обезбеден национален консензус, што го препознале и граѓаните. А, за тоа, пак, сведочи крајниот резултат, испорачан на референдумот.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, велат од таму, селективно го информирал претседателот Иванов за одредени работи, што се однесувале на средбите со Нимиц, но никогаш не го информирал за детали од средбата во Давос, ниту, пак, за каков и да е детал од текстот на договорот.
И покрај нашето инсистирање, текстот на договорот се криеше од претседателот на државата до денот на  потпишувањето на догоорот. Потсетуваме дека претседателот Иванов постојано укажуваше оти се работи за личен договор на премиерот Заев и негова лична одлука, па оттаму негова е и одговорноста, велат од Кабинетот на шефот на државата.
Иако сега, по референдумот, е беспредметно да се разговара за тоа, од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека за време на процесот додека ја договарал,  како што велат, капитулацијата, премиерот Зоран Заев  немал никаква содржинска комуникација со претседателот на партијата, Христијан Мицкоски. Според опозициската партија, Заев одново се навраќа на тоа што најдобро го знае, „со лага да убедува и манипулира„.
Прашањата за комуникација и информираноста од Заев до јавноста или опозицијата неколку пати се одговорени, но тој упорно игра на картата дека “Неколку пати повторена лага станува вистина”.
Меѓутоа, неговите лаги веќе го добија одговорот од народот и во таа игра Заев загуби „ОлИн“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за Пресинг ТВ.