Идејата за консензуален претседател е убава, но до сега никој не контактирал со мене за моја кандидатура на претстојните претседателски избори, вели за Пресинг ТВ, универзитетскиот професор Денко Малески. Сепак тој истакнува дека за ова прашање е неопходен широк консензус.

Под консензус за ова прашање јас подразбирам широк консензус на сите политички партии. Состојбата во општеството налага поинакво поведение на сите политички партии од она кое би било во вообичаена атмосфера за претседателски избори, вели Малески.

Неговото име е се поприсутно во партиските комбинаторики за претседателските избори. Лидерот на ДУИ Али Ахмети во изјава за медиумите рече дека до сега не зборувале за имиња, но дека Денко Малески е угледен професор што ги исполнува сите стандарди. Според Ахмети тој е најдобриот кандидат, но се уште не разговарале со останатите политички партии.

ДУИ одамна ја промовира идејата за консензуален престедател на државата. Уште при претходните претседателски избори. Таа не беше прифатена од ВМРО-ДПМНЕ по што ДУИ го бојкотираше вториот круг.

Првиот интегративец не ја исклулува можноста со СДСМ да настапат со заеднички кандидат на претседателксите избори. Од СДСМ засега нема официјален став за опва прашање. Единствено лидерот Заев рече дека нема да се кандидира.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека партијата се подготвува за претседателските избори на кои како што изјави ќе го порази СДСМ. Сепак опозицијата се уште не истакнала сопствен кандидат.

Освен Малески како кандидати за наследници на Иванов се споменуваат и Гордана Сиљаноска, Теута Арифи, Трајко Славески, Ганка Самоиловска – Цветанова, Стево Пендаровски, Трајко Вељаноски.

Во април идната година истекува мандатот на актуелниот претседател Ѓорге Иванов.