Пет до десет години би траеле преговорите на Македонија за членство во ЕУ според првичните очекувања на македонската влада дури и со најпозитивен исход во октомври односно добивање датум за старт на преговорите во декември оваа или јануари идната година. И премиерот Заев неодамна изјави дека 2025 или 2030 се годините кога може да се размислува дека државата може да стане дел од европското семејство.
Во 2025 или 2030 да станеме членки на ЕУ. Не знам. Прашање е кога ние ќе бидеме подготвени за Европа, и кога Европа ќе биде подготвена за нас. Обете страни се важни. Најважно е дека реформите на тој пат ќе бидат од корист за земјат, вели Заев за Ханделсблат.
Тој дури во една прилика рече дека ЕУ не треба да стравува од старт на преговори со Македонија бидејќи тоа не значи членство.
Сите граѓани на земјите членки на Унијата да сватат дека ние не бараме веднаш да станеме членки на ЕУ. Ние бараме да продолжи мотивацијата на ЕУ спрема Северна Македонија добивајќи го следниот чекор, а тоа е да отпочнеме преговори. Кога ќе биде подготвена Унијата, кога ќе бидеме подготвени ние, тогаш ќе станеме членка на ЕУ, изјави премиерот.
Сепак одредени песимистички сценарија одат до таму дека преговорите можат да траат и15 години бидејќи критериумите по приемот на Бугарија и Романија се заострени.
Но колку во пракса траеја преговорите на земјите од регионот при пристапувањето во ЕУ? И за што прво би преговарала Македонија?
Процесот на преговори е различен за секоја земја. Времетраењето на преговорите во 35 поглавја зависи од подготвеноста и напредокот на државата кандидат. Поглавјата 23 и 24 за слобода, правда, фундаментални права, безбедност се отвораат први.
Хрватска преговараше од 2005 до 2011 година, а стана дел од ЕУ во 2013 година
Бугарија и Романија преговараа од 2000 до 2004, а во 2007 станаа членки.
По три години преговарале Малта, Летонија, Литванија и Словачка
Македонија од 2005 е со статус кандидат, а за нас прв пат беа препорачани преговори во 2009 година.
Comments are closed for this post.