Брисел нема да толерира партиски вработувања. Европската комисија останува на ставот за реформи во администрацијата имуни на партиски влијанија и непотизам.

Ваков заклучок се добива од одговорот кој од Комисијата го доби Пресинг ТВ околу последниот бран вработувања на роднини на пратеници и министри во администрацијата и претрпријатијата во државна сопственост со кои ќе се занимава и Антикорупциската комисија.

На тоа дали Брисел би толерирал партиски протекции за вработување на мајки, сопружници, сестри, синови и дали ваквите вработувања се во насока на борбата против непотизмот и корупцијата и професионализацијата на администрацијата.

Реформата во јавната администрација е особено важна. Во извештајот за напредокот во 2018 година истакнавме дека иако е направен добар прогрес, сепак е неопходна силна политичка посветеност која ќе гарантира професионализација на јавната адинистрација и особено почитување на принципите на транспарентност и еднаквост, вели за Пресинг ТВ портпаролката на Европската Комисија Маја Коцијанчиќ.

Изминатиов период во фокус на јавноста се дваесетина вработувања на роднини на пратеници и министри од редовите на СДСМ и ДУИ во државни органи, агенции и претпријатија во државна сопственост. Најголем дел од нив се вработија во ЕЛЕМ. Меѓу нив синот и братот на пратеничката Мира Стојчевска од СДСМ, ќерката на спикерот на Собранието Талат Џафери, сестрите на министрите Кресник Бектеши и Асаф Адеми.

Премиерот Заев најави дека ќе се проверат критериумите по кои биле примени.

Ќе направиме анализа на постапките и секаде каде што имало протекции или привилегии ќе бараме повлекување на работните места бидејќи сакаме да испратиме порака дека сите во општеството дури и децата на некој функционер имаат шанса во Македонија, изјави Заев.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски пак најави дека премиерот Заев ќе побара повлекување на вработените од овие позиции

Премиерот Заев ќе ги повика сите оние кои се инволвирани во овие, да кажам, сомнителни случаи. Некаде има основа, некаде нема, но сепак да се повлечат од нивните позиции, со цел да ја прекинеме оваа практика што цела деценија е воспоставена во Македонија, и за жал и сега ни создава проблеми, изјави Манчевски.

Силната политичка заложба за гарантирање на професионалноста на јавната администрација, особено за високи менаџерски назначувања и почитувањето на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност во согласност со духот и словото на законот, останува суштинска, се наведува во извештајот на ЕК за напредокот на Македонија во 20118.