Да се тестираат за коронавирус сватовите кои присуствуваа на свадби во странство и ако неколкумина излезат позитивни, организаторот на веселбите да се повика на кривична одговорност.

Ова е ставот на адвокатот Александар Тортевски откако викендов екс пратеникот Амди Бајрам и актуелниот градоначалник на Центар Саша Богдановиќ организираа свадби во странство. За Тортевски ова е изигрување на законот, кое не смее да остане неказнето. Тој вели дека не е важно само тоа каде е сторено кривичното дело, туку и каде ќе настанат последниците од него.

Поранешниот пратеник Амди Бајрам викендов организираше свадба за својата внука во Истанбул, на која присуствувале 600 гости, од кои 370 од Македонија. Венчавка на Косово викендов имаше и градоначалникот на скопски Центар, Саша Богдановиќ. На снимките и фотографиите кои осамнаа во јавноста се гледа дека никој не носи заштитни маски и не се одржува дистанца.

И двајцата ја искористија моменталната законска регулатива која не забранува патување во Турција и на Косово, ниту пак е потребно обезбедување негативни тестови на коронавирус. Во ситуација кога земјава се соочува со најтешкиот бран на вирусот и бројките на зарзени секојдневно растат, овој чин денеска го осуди и министерот за здравство Венко Филипче.

Адвокатот Тортевски вели дека крвивична одговорност во постапките на двајцата политичари има, но не се надева дека некој од нив ќе биде гонет.

Според Тортевски, со повикување на одговорност за ваквите постапки, државата мора да испрати порака дека законите не можат да се заобиколуваат на ваков начин. Од прогласувањето на пандемијата на коронавирусот, државата забрани организирање прослави на кои присуствуваат многу гости. Неколку вакви веселби организирани спротивно на законот, веќе беа извор на ширење на заразата и создадоа кластери на коронавирус.

извор: 24 вести