Канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел објави кусо соопштение по денешната средба со премиерот Зоран Заев во Берлин. Во соопштението не се споменува дека во септември германскиот Бундестаг ќе донесе одлука за одобрување на старт на преговорите на Европската Унија , како што посочуваат од македонската влада во нивното соопштение.

Меркел и Заев, како што се наведува, разговарале за билатералните односи, а фокусот бил ставен и на „прашање од надворешната и европската политика“.

Германија заедно со Франција си поставија цел – зајакнување на стабилноста на балканскиот регион. Важен чекор кон тоа беше решавањето за спорот со името „Македонија“. Под покровителство на ОН, балканската држава од 12 февруари 2019 година се преименува во Северна Македонија, со што се стави крај на спорот за името со Грција што траеше од 1991 година. Во април премиерот Зоран Заев, исто така, присустрвуваше на состанокот за Западен Балкан, што го организираа германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон,  се наведува во соопштението од Канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел објавено по 40-минутната средба со премиерот Зоран Заев.

Од друга страна од македонската влада информираа дека германскиот Бундестаг ќе донесе одлука за одобрување на старт на преговорите на Европската Унија со Македонија во септември, согласно утврдените процедури на Германија за прашањата за проширување на Унијата.

Ова му го пренела германската канцеларка Ангела Меркел на премиерот Зоран Заев на денешната средба во Берлин. Меркел, како што соопшти владината прес-служба, потенцирала дека Македонија го испорача очекуваното и дека таа и Берлин на тоа гледаат многу позитивно.