Претседателот Стево Пендаровски за случајот со издавање македонски пасоши на белосветски криминалци дознал по завршувањето на акцијата на Министерството за внатрешни работи.

-За акцијата за која прашувате, претседателот Пендаровски од МВР беше информиран по приведувањето на лицата, велат од Кабинетот на шефот на државата за Пресинг ТВ.

Целиот случај не бил ни тема на Советот за безбедност.

-На седницата на Советот за безбедност се разговараше за состојбите со пандемијата на Ковид-19, е одговорот од Кабинетот.

Кабинетот го прашавме дали претседателот знаел, од кога, кој го информирал за акцијата Мафија/Двојник, дали за случајот се тазговарало на Советот за безбедност, како го оценува, дали имало реакции од други служби и држави, од кои и за што?

Добиените скудни одговори, пак, отвараат дилеми, дотолку повеќе што под директна надлежност на претседателот на државата се наоѓа Агенцијата за разузнавање.

Првенствено, дали Пендаровски сака да се дистанцира од целата афера или, пак, навистина ништо не знаел?

Немањето никакви сознанија значи дека Агенцијата немала ниту претстава, ниту абер за тоа какви криминалци од висок калибар имале намера и влегувале и излегувале од државата. Уште помалку каде се низ светот шетале со македонски пасоши, што делува поразително за овој сегмент од националната безбедност, особено затоа што веќе станува збор за земја-членка на НАТО-алијансата.

Ова од една страна, а од друга значи и отсуство на комуникација или координација меѓу Агенцијата за разузнавање и МВР, односно Агенцијата за национална безбедност, што е под ингеренции на премиерот Зоран Заев.

Ако акцијата траела цели две години, делува разочарувачки за неа да не бил информиран и претседателот на државата, што може да се протолкува и како одреден степен на недоверба во него.