Кога некој открива, осознава и активно процесуира криминал, тој треба да се награди, а не да одговара. Тие се вредностите насекаде во светот, така и кај нас, истакна денеска премиерот Зоран Заев во врска со тоа дали и кога ќе бара одговорност за аферата со пасошите со оглед на тоа што опозицијата директно го споменува како инволвиран заедно со министерот Оливер Спасовски.

Прашан од новинарите кој ќе биде награден за ова акција и дали тој и Спасовски овозможиле логистика на мафијаши и наркокартели како што обвинува ВМРО – ДПМНЕ, премиерот Заев упати за детали кај министерот Спасовски, кој, како што рече, се обидувал редовно да го брифира, иако неговиот фокус генерално е на пандемијата.

Спасовски, наведе Заев, даде транспарентно детали за сите податоци.

– Не би можел да прејудицирам одреден одговор на ваквото прашање и треба да го прашате министерот Оливер Спасовски, рече премиерот Заев.

Потсети дека ова е неколку месечна активност што се работи со Интерпол, со регионалниот центар од САД во таа областа и други меѓународни партнери, со цел да се спречат и казнат таквите постапки.

– Луѓето кои се изведени пред суд и им е донесена мерка притвор, се откриени, барем преку 214 државјанства, во целиот овој период, со измислени матични броеви и успешно е направена анализата, документирана, докажана и процесуирана пред правосудните инстанци, рече Заев и оцени дека акцијата на МВР е успешно спроведена.

– А дека некој се обидува да кокетира со одредени политички субјекти во целиот овој период веројатно за да се спаси или да направи политичка тема од ова прашање, ние нема да дозволиме, вели Заев и додаде дека МВР се однесувало професионално, а со процесуирањето преку независните правосудни органи е испратена пораката дека има казнивост, рече Заев.