Околу 50 организации за верски слободи и човекови права во светот испратија заедничко писмо до бугарскиот премиер Кирил Петков, од кого бараат да се извини за депортацијата на македонските Евреи, по повод 79 години од нивната депортација кои се одбележуваат в петок, пишува Гласот на Америка.

Тие бараат Петков да биде првиот бугарски премиер, кој официјално ќе ја признае и ќе се извини за депортацијата на 98 отсто од македонската еврејска заедница од страна на тогашното Царство Бугарија.

„Во отворено писмо до вашиот претходник, Македонската еврејска заедница, преку Европскиот еврејски конгрес, рече дека актуелната влада во Република Бугарија има морална обврска да ја признае вината на нејзините претходници, и да преземе одговорност, по примерот на многу европски земји кои беа на погрешна страна за време на Втората светска војна. Република Бугарија со укинувањето на пресудите во 1996 година донесени од Народниот суд во 1945 година, намерно ја брише својата мрачна историја и на тој начин ја искривува вистината за Холокаустот“, се вели во писмото, кое организациите го испратија до официјална Софија преку глобалната мрежа за верски слободи (IRF Roundtable) со седиште во Вашингтон, чија членка е и Обединетата македонска дијаспора.

Претседавачот Грег Мичел рече дека „се надеваме оти ќе постапите правилно, и официјално ќе ѝ се извините на македонската еврејска заедница што ќе помогне да се залечат раните од минатото“.

Освен до Петков, писмото е испратено и до државниот секретар на САД Ентони Блинкен, Американската комисија за меѓународна верска слобода, Европската комисија, Европскиот совет, Европскиот парламент и до други официјални институции.