Враќање на старата цена на струјата и оставка од претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимовски побара Владимир Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ. Најголемата опозициска партија вечерва повторно организираше протест низ скопските улици поради зголемување на цената на струјата во Македонија.

ВМРО ДПМНЕ во континутет, со поддршка на македонските граѓани бара враќање на старата цена на струјата и разрешување на Марко Бислимовски. Регулаторната комисија заедно со Бислимовски се поставени како инструмент на политиката на Зоран Заев и неговите министри. Македонија плаќа најскапа цена на струјата споредено со примањата коишто ги имаат, односно немаат македонските граѓани. Бараме разрешување на Бислимовски како послушник на Заев. Заев го именувал, Заев да го смени. Ако не, Бислимовски и Комисијата да си поднесат оставка, изјави Ѓорчев.

Ако Регулаторната комисија не си поднесе оставка, Ѓорчев побара членовите на ова тело да бидат разрешени.

Во овој економски колапс што ни се случува, отпуштања од работа, зголемување на цената на стругата е економски терор за граѓаните. Бараме да се именува професионална комисија, луѓе кои си ја знаат работата, а не некои што ќе бидат први да се сликаат во штабот на СДСМ, изјави Ѓорчев на протестот што го организираше ВМРО ДПМЕ.