Епидемијата на морбили министерот за здравство Венко Филипче очекува да заврши за околу две недели колку што е и периодот на инкубација од моментот кога последниот пациент со мали сипаници бил примен на Инфективната клиника.

Тој во интервју за ТВ 24 Вести вели дека се надева дека нема да бидат пријавени нови случаи на морбили, а според него, најголем проблем во однос на невакцинираноста кај нас се децата коишто одат во градинка, затоа што кај децата кои ќе тргнат во прво, односно второ одделение сериозно е висок опфатот со вакцинација.

Ние имаме проблем со малите деца. Родителите очигледно под влијание на антивакциналните кампањи чекаат децата да проодат или да прозборат плашејќи се притоа да не заболат од некаква болест која што наводно е во релација со вакцините и после тоа ги вакцинираат. Значи најголем процент од невакцинираните деца се децата коишто имаат една, две, три, четири години и понатаму процентот на невакцинирани деца значително опаѓа вели Филипче.

Во таа смисла, министерот за здравство смета дека кампањите за антивакцинација се апсолутно неоправдани и носат огромен ризик да се вратат болести коишто се смртоносни.

Тој истакна дека од Министерството спроведуваат на терен кампања за да се подигне свеста кај поупалцијата и да се покаже дека не постои апсолутно никаков ризик од вакцинацијата, како и оти таа не може да се доведе во корелација со ниту една болест.

Нагласи дека во тек е и сериозна кампања кај здравствените работници затоа што, како што рече, во многу случаи сме сведоци дека токму здравствените работници се тие кои ги промовираат антивакциналните кампањи.

Свесни сме за тоа и токму во овој момент се прави анализа на сите документи што биле издадени на невакцинираните деца за да утврдиме вакви случаи, рече Филипче.

Министерството за здравство, во соработка со Здравствен дом-Скопје воведе и втора смена во поликлиниките, каде се врши вакцинација, односно вакциналните пунтови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“ ќе работат до 19 часот.

Повеќе родители на невакцинирани деца денеска побарале во градинките да се отворат посебни, или специјални паралелки, за деца кои не се вакцинирани, дознава Пресинг ТВ.