Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешниот колегиум одлучила да пристапи кон собирање доволно информации во врска со наводите што се појавија во медиумите, а се однесуваат за набавка на вакцините од кинескиот производител Синофарм.
– Потоа во зависност од прибраните податоци ќе одлучи дали постојат доволно елементи за отворање предмет во надлежност на ДКСК, изјави за МИА претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Според неа, како што изјави за РСЕ, во оваа ситуација треба да се вклучат и другите органи како Јавното обвинителство.
Премиерот Зоран Заев вчера на новинарско прашање во врска со пишувањата на италијанскиот весник „Ла верита“ за набавката на кинеските вакцини за државава ги отфрли обвинувањата за незаконско дејствување. Кажа дека за набавката на вакцините се одело преку приватни фирми, во случајов и преку Пауер Чајна, а нарачката е направена преку кинеската Амбасада и МНР на Кина на барање на кинеските власти.
-Апсолутно негирам какви било лоши намери или незаконско дејствување. Затоа што во овој период правиме напори да набавиме вакцина по сите можни канали како што очекуваат нашите граѓани, час поскоро. Јас а и министерот за здравство ја информираше јавноста дека после две недели чекање на активности на Кинеската амбасада, ние директно преку Синофарм не можевме да добиеме контакти и дадовме нарачки преку приватни компании кои МНР не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Сега очекуваме да стигнат нарачките преку МНР на Кина, односно преку Кинеската амбасада, рече Заев.
Comments are closed for this post.