Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска беше говорник на панелот „Визија за Европската Унија и Западниот Балкан – Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан: зошто е тоа критично за иднината на Европа?“, а во рамки на вториот по ред Самит на Западен Балкан што се одржува во Скопје во организација на лондонски The Economist.

Главниот фокус на дискусијата беше ставен на важноста на зајакнување на односите меѓу Европската Унија и Западниот Балкан преку кредибилна политика за проширување на ЕУ со земјите од регионот, како прашање што е од клучна важност за иднината на Европа.

Вицепремиерот Димитров посочи дека за остварување на визијата за заедничка европска иднина потребни се функционален процес на пристапување и силно политичко ветување надополнето со конкретен исчекор.

 Доколку проширувањето се изземе од односите меѓу Европската Унија и регионот, тогаш на сцена доаѓаат други алтернативи какви што имавме во 90тите години, кои не носат мир, просперитет и стабилност. Ангажирањето на ЕУ за овој регион да стане навистина европски, во градењето силни демократии, владеење на правото и справување со корупцијата е многу поисплатлива инвестиција отколку неговото занемарување. За враќање на надежта на граѓаните дека европската иднина е остварлива, покрај политичко ветување потребен е и конкретен исчекор. Комплетирана Европска Унија со земјите од регионот значи подобра и посилна Унија, ние сме дел од европската куќа. Мораме да работиме на надминување на економскиот јаз и да најдеме механизам да го одржуваме процесот на трансформација.“

Во таа смисла, Димитров нагласи дека за европското досие на Македонија има согласност од сите земји членки на ЕУ, со исклучок на Бугарија поради што повика на одговорност и лидерство.

Европската Унија е сложен ентитет и сите напори и заложби за креирање функционална политика на проширување можат да бидат блокирани со противење од една земја, и тоа од причини кои не се во согласност со европските вредности на кои се заснова процесот. Во однос на Македонија, постои согласност од сите земји членки на ЕУ дека условите за почеток на пристапни преговори се исполнети и немаат никакви дилеми дека е крајно време тоа да се оствари – дури и од оние кои се најстриктни во тој поглед. Затоа е потребно Бугарија да преземе одговорност и да покаже лидерство за градење на заедничката иднина. Треба да постигнеме прифатливо решение во согласност со европските стандарди и вредности, кое ќе го почитува достоинството на македонските граѓани. Да се биде земја членка на ЕУ не подразбира дозвола за поставување секакви услови – тие мора да се согласно европските вредности, ако зборуваме за пристапниот процес.“