Во Извештајот на Европската комисија констатирани се многу слабости и злоупотреби на механизмите и институциите. Нотирани се слабостите и недоволното справување со корупцијата која е распространета во многу области.

Во самиот Извештај стои дека треба да се обезбеди поактивен пристап од сите чинители кои се занимаваат со спречување и борба против корупцијата.

Помеѓу останатите, најголем недостаток има кај корупцијата, злоупотребата на носење на закони по скартена постапка со европско знаменце, слабиот напредок во подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на загаденоста и низа на други забелешки.

Злоупотреба на европско знаменце

Во извештајот се констатирани многу злоупотреби на скратени постапки и злоупотреба на носење на закони со европско знаменце. Нотирана е потребата да постои механизам за ограничено користење на скаратена постапка за донесување на закони во собранието, бидејќи таквата постапка го ограничува учеството на сите релевантни чинители во процесот на донесување на закони и ја спречува демократската дебата.

Во Извештајот на ЕК стои загриженост и препорака да се ограничи зголемувањето на употребата на брзи постапки при донесување законите во Собранието.

Додека јавноста беше оптоварена со тоа дали ќе добиеме датум за преговори со ЕУ, во Собранието се носеа закони по скратена постапка со европско знаменце. Под превезот на „европско знаменце“ во Собранието се носеше и законот за контрола на опојни дроги, за кој опозицијата сметаше дека е злоупотреба на моќта од страна на власта.

За време на носењето на овој закон од страна на опозицијата беше укажувано дека тоа не е прв пример на носење закони кои не се усогласени со европското право како европски закони. Според опозицијата такви примери се и Законот за Академија за судии и обвинители и Законот за јазици за кој и Венецијанската комисија испрати мислење дека на институциите им се наметнуваат нереални правни обврски.

Брисел контра Заев

Извештајот на ЕК се задржува и на корупцијата. Во извештајот се забележува дека таа е распространета во многу области и треба да се обезбеди поактивен пристап од сите чинители кои се занимаваат со спречување и борба против корупцијата. Тука се надополнува и зајакнувањето на борбата против специфични форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал.

Во екот на корона кризата кога во Македонија секојдневно има по 200 новозаразени и Македонија е на врвот во Европа по смртни случаи, а министерството за здравство и министерот Венко Филипче ги тресат скандали. Министерот за здравство особено се поврзува со сомнителни тендери. Додека граѓаните мака мачат да добијат соодветна здравствена услуга, поминуваат милионски тендери.

Дел од скандалозните тендери кадешто се спомнува името на министерот за здравство Венко Филипче се и градењето на згради и куќи на Водно, како и купувањето на големи парцели на луксузни локации. За илустрација тука е, скандалот Шпанско село 2 каде што министерот за здравство Венко Филипче, заедно со сопругата, нејзините родители и газдата на фирмата „Синерџи“ – Горан Филипов се сосопственици на 11 катастарски парцели во Нерези, со вкупна површина од 13.506 м2.

Во низата скандали се вбројува и поранешната министерка за финасии Нина Ангеловска која си исплатила државна помош на сопствената фирма „Вебспот‘‘. Нина Ангеловска исплатила државна помош на фирмата „Вебспот“, во сопственост на Ангеловска која во неколку наврати на 08.07.2020 година земала 210.909 денари, на 12.06.2020 – 224.750 денари, а и на 19.05.2020 земала 224.750 денари, од помошта од антикризните мерки за време на епидемијата. Ова беше втор скандал и е втора злоупотреба во низа на Ангеловска, откако јавноста дозна дека навреме ги извадила своите 250.000 евра од пропаднатата банка Еуростандард банка, афера тешка 200 милиони евра.

И воздухот не чини

Во Извештајот на ЕК дополнително се нотира дека е слаб напредокот за подобрување на квалитетот на воздухот воопшто. Според извештајот главниот проблем зошто не може да се намали загаденоста на воздухот е слабата координација помеѓу централните и локалните институции. Чистиот воздух беше едно од главните ветувања на СДСМ во предизборната кампања, но не се превземени никакви по конкретни мерки во овој правец.

На самиот почеток на грејната сезона од Министерството за животна средина информираа дека многу станици за мерење на загаденоста на воздухот не работат, а признавват и дека шест од нив нема ни да проработат пред декември.

Ова е уште еден пропуст на владата во оваа насока после пропаднатата мерка за инвертери која бомбастично беше најавувана како по крупен чекор во насока на подобрување на квалитетот на воздухот. Но, ваучерите за инвертери останаа неподелени, а правилата за аплицирање во последен момент беа сменети од страна на Град Скопје, а истите се неповолни за граѓаните за кои беше наменета мерката.

Целта на мерката беше да се помогне на социјално ранливите категории на граѓани кои се греат на дрва да дојдат до еколошки грејни тела, но со новите правила граѓаните ќе треба да вложуваат, ако воопшто можат да обезбедат по минимум 500 евра за инвертер па потоа да се надеваат дека парите ќе им бидат вратени од општината.