Ако Министерството за здравство и Фондот за здравство не ни одобрат дополнителни пари за лекување на пациенти болни од Ковид-19, струшката болница тешко ќе може да функционира, вели директорот Мухамед Асани. Тој вели дека од почетокот на пандемијата она што го добиле како помош од централната власт биле само 3.500 заштитни маски. Ги потрошиле за една недела.

Ние досега работиме и ги трошиме тие средстава, но и го зголемуваме долгот на болницата и искрено не знаеме до кога ќе издржиме да продолжиме со работа во нормални услови…“, рече Мухамед Асани-директор на општа болница Струга.

Асани вели дека и покрај тоа што уште пред неколку месеци побарале повеќе пари, конретен одговор од министерството и од Фондот сè уште не добиле. Струшката болница нема инфективен оддел, па позитивните случаи се третираат на интерното одделение, каде во моментот се лекуваат 18 пациенти. И болницата во Охрид се соочува со истите проблеми. Очекуваат повеќе пари.

Трошоците се енормно зголемени, но треба да се избориме, да менаџираме, тоа што треба. Ова е криза е за сите и ние мора да се справиме со оваа криза….“, вели Горан Балев-директор на општа болница Охрид.

За разлика од минатата недела кога имаше 40 лежечки пациенти, во моментов во охридската болница има 80 хоспитализирани. Инаку, актуелно во Охрид има над 250 активни случаи, а во Струга тој број е повеќе од 100.

Од Министерството за здравство за Алсат информираа дека се работи на обезбедување на дополнителни пари со кои ќе се покријат трошоците. Од директорите на сите болници било побарано да достават извештаи за дополнителните трошоци кои настанале поради лекување на ковид-пациенти. Пари ќе се бараат преку Фондот за здравство.

извор: АлстаМ