Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицоски по повод 5 ноември, Меѓународниот ден на ромскиот јазик упати честитка.

Припадници на ромската етничка заедница во Македонија, дозволете во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ да ви го честитам 5-ти ноември, Меѓународниот ден на ромскиот јазик. Ромите во Македонија се нераскинлив дел од македонското мултикултурно општество и затоа мора да се работи Ромите, нивниот јазик и култура сесрдно да бидат поддржувани и афирмирани на институционално ниво во нашата заедничка татковина Република Македонија. Можноста да се изучува ромскиот јазик, да се користи на институционално ниво, да се твори и да се говори на ромски јазик треба да биде темелот на заштита на Ромите од асимилација и унапредување на нивните права и нивниот статус во државата. За жал, сведоци сме на се поголем број примери на дискриминација и кршење на правата на Ромите во Македонија, за кои инстутуциите на државата не превземаат доволно активности да ги санкционираат. Заради тоа имаме примери во кои после подолг период во првите ешалони на власта нема претставници на ромската заедница кои ќе се борат за унапредување на социјалните и културни права на Ромите. Токму Ромите се една од најмаргинализираните заедници во државата и ваквиот однос на власта само дополнително ја покажува нејзината незаинтересираност ваквата состојба да се менува. Власта, за жал, како и за останатите граѓани, така и за Ромите, свесно ги злоупотребува економските и социјалните прилики на загрозени категории граѓани, не нудејќи притоа системски решенија кои ќе овозможат социјален и економски напредок, како основен предуслов за личен просперитет на поединците, но и заедниците. Оттука произлегува фактот дека Власта треба и мора системски да ги решава предизвиците и да го поддржува унапредувањето на севкупниот општетсвен и социјален статус на граѓаните, а особено на Ромите, како основен предуслов за непречен развикот на културата, јазичните права и благосостојбата на една заедница, стои во честитката од Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ