Државната комисија за спречување корупција денеска одлучи да отвори повеќе предмети поврзани со актуелни функционери. Антикорупционерите ќе ги разгледуваат Глобал, Цареви Кули, 1 евро корупција, што се поврзуваат со премиерот Зоран Заев, бугарски фирми на Заеви, грчки фирми на министерот Дамјан Манчевски, плацот во струмичката касарна од над 18.000 метри квадратни, што Заев како градоначалник му го дал за откуп на лицето Сашо Брндевски, МХЕ Тополки за која вицепремиерот Кочо Анѓушев преку Фероинвест му дал плац од 7.100 метри квадратни на својот брат  Тодор Анѓушев за изградба на мала електроцентрала.

Комисијата е должна да отвори предмети, а каков ќе биде епилогот ќе се знае откако тие ќе бидат обработени, изјави претседателката Билјана Ивановска.

Антикорупционерите отворија и предмет за директорката на Клиниката за хематологија, д-р Ирина Пановска Ставридис поради набавки на лекови преку веледрогеријата на нејзиниот татко „Д-р Пановски“. Во поднесокот, меѓу другото, се наведува дека на тендерите за набавка се ставале критериуми, според кои се фаворизирале лекови, што ги увезува веледрогеријата. Притоа, како актери се споменуваат д-р Мартин Ивановски и д-р Соња Трајкова. Кај д-р Пановска Ставридис ќе се проверува и дали има поднесено пријави за имотната состојба и при изборот за в.д. директор и при истекот на законски предвидените шест месеци, како и при повторниот избор на истата функција.

Предмет е отворен и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавка на ауди 6 и уште три шкоди чија вкупна вредност изнесува 114.000 евра и тоа во време кога Владата донесе одлука за покривање на загубите на единиците на локалната самоуправа. Општина Струга имала долг од над 4 милиони евра и низа други комунални проблеми, што не било доволна причина градоначалникот да покаже малку скромност при мабавката на возилата.

Поради набавка на возила БМВ во вредност од по 40.000 евра под лупа на антикорупционерите ќе се најдат претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски, и Зоран Караџовски како поранешен претседател на Судскиот совет. Тие двајцата и Коле Штерјов ќе бидат предмет на проверка за зимање месечни паушали во висина од 10.000 денари мсечно во период од три години. Кај Штерјов овој период бил само една година.