Tри до четири жени дневно заболуваат од рак на дојка. 1356 нови случаи се појавиле во 2018 година, кои не биле евидентирани во 2017. Во периодот од 01.01.2017 година до 30.09.2018, во Националниот систем за електронски евиденции се евидентирани 60.787 прегледи за 8.157 пациенти заболени од малигна неоплазма на дојка.

Најмладата пациентка има 17 години, а најстарата 97 години. Вкупниот број на жени со дијагностициран рак на дојка за кои во 2018 година е евидентиран преглед во Националниот систем е 6.200.

Најчестата причина за смрт од малигни неоплазми во периодот 2010-2017 година е малигната неоплазма на дојка. Во 2010 година бројката изнесувала 308 жени, во 2015 изнесувала 281, 2016 – 338, додека пак во 2017 година намалена е стапката и изнесувала 279 жени. Одговорност наша, како институција и Влада е да им обезбедиме на сите граѓани квалитетна здравствена заштита, здравство кое лекува, но и здравство кое едуцира и превенира, рече министерот за здравство Венко Филипче кој денеска чекореше на Маршот за подигнување на свеста за ракот на дојка, настан насловен како „Напред розово“, кој по 10-ти пат се одржува во организација на Здружението за борба против ракот „Борка – за секој нов ден“ кој  се одржа во Градскиот парк во Скопје.

Следејќи ги европските и светските насоки, почнувајќи од месец април 2015 година во соработка со кабинетите за мамографија во јавните здравствени установи (вкупно 29 на територијата на Македонија), Министерството за здравство почна со организирана „Национална скрининг програма за рана детекција на рак на дојка“.

За таа цел, во изминатиов период набавени се нови дигитални мамографи во повеќе јавни здравствени установи, креирани се посебни термини за изведување на скрининг, а Центрите за јавно здравје и Управата за електронско здравство посредуваат во закажувањето на термините.

Квалитетот на скринингот се обезбедува со спроведување на едукација преку семинари, предавања од експерти од Македонија и странство, континуирана контрола на технички квалитет на мамографите, континуирана контрола на квалитет на вршење на мамографски преглед и интерпретација на мамографски наод. Исто така, квалитетот на скринингот се обезбедува и со евиденција и статистичка обработка на резултати од дијагностичка и скрининг мамографија и зголемена информираност на населението и матичните лекари“, истакна Филипче.

Заедно со Филипче чекореа и министрите Тевдовски, Бектеши и Царовска. На настанот, присуствуваа претседателката на Здружението „Борка“, Биба Додева, министерот за здравство Венко Филипче, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за економија Крешник Бектеши, амбасадорот на САД, Џес Бејли, госпоѓата Кејпи Полк Бејли и националната менаџерка за продажба во компанијата „Авон“, Марина Цигарида

Денеска се придружив на ,’Розовата прошетка’- симболичен марш со силна порака за поддршка на сите што се борат со ракот на дојка. Со овој марш им одаваме чест на сите оние што ги загубија своите животи, но поткрепа и на преживеаните и сите жени и мажи кои се борат со ракот на дојка“, истакна Царовска.