Стигна контраобвинување од општина Аеродром на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека Златко Марин издал одобрение за градење на стамбено деловен комплекс на површина од 14.000 м2.

Граѓаните многу добро знаат кој ја овозможи изградбата на објектот кај Мајчин дом. Претходно раководство на Општина Аеродром го пренамени земјиштето пред Мајчин дом од зона Д1 во зона А2 (станбено домување) и го донесе ДУП И10 ненајавено и без дебата“, возвратија од општината која ја води Златко Марин.

Од општина Аеродром  велат дека ги разгледале сите можни правни механизми за спречување на градбата пред „Мајчин дом“.

Општината активно соработува со Уставниот суд, кадешто се доставени сите потребни документи во однос на ДУП И10, за кој се поднесени повеќе претставки. Уставниот суд до денес нема донесено никаква одлука за овој предмет, ниту го има ставено на мирување, ниту го има поништено ДУП И10, реагираат од Општината на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека Златко Марин издал одобрение за градење на стамбено деловен комплекс на површина од 14.000 м2.

Во меѓувреме, велат од таму, во Општина Аеродром е пристигнато барање за дозвола за градба на плацот пред „Мајчин дом“, кое Општината е законски обврзана да го процесира, согласно позитивните законски регулативи и параметрите на сè уште активниот ДУП И10.

Урбанистичкото планирање е основата која го одредува квалитетот на животот во општината. Претходната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ подигна над 90 нови згради во Општина Аеродром, со повеќе од 10.000 станбени единици и донесе урбанистички планови кои предвидуваат уште градби во урбаното јадро на Аеродром. Согласно заложбите на новото раководство новите урбанитички планови се изработуваат со високи стандари за похумано живеење. Постапките ќе бидат транспарентни, јавните расправи однапред најавени и се надеваме на активно учество на граѓаните во креирање на општината“, се вели во реакцијата.