Академик Богомил Ѓузел беше несекојдневен, исклучителен и неповторлив и делото што остана по него ги носи истите одлики, рече денеска академик Влада Урошевиќ на комеморацијата која ја организираше Македонската академија на науки и уметности (УКИМ).

На 22 април по кусо боледување на 82 години почина академик Ѓузел, македонски поет, есеист, драмски писател, раскажувач и преведувач.

Ѓузел беше припадник на третата повоена генерација македонски писатели, генерацијата што се појавува во втората половина на 1950-те години на 20. век и која со своето дејствување изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската книжевност, рече претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев.

Академик Ѓузел важи за наш најзначаен преведувач и препејувач на поезијата од англофонското книжевно подрачје. На македонски јазик во негов превод се достапни најпознатите драмски дела на Вилијам Шекспир. Освен тоа, Ѓузел е преведувач на изборите од поезијата на Т. С. Елиот, В. Х. Одн , Емили Дикинсон, Шејмас Хини и други, а е составувач и преведувач на Антологијата на современа американска поезија.

Тој беше интелектуралец од европски ранг, а во поезијата ја ценеше спонтаноста и природноста. Ѓузел беше познавач на странски јазици, информиран, со богата култура и широчина на своите погледи и рано стекната интелектуална зрелост. Тој се бореше за ослободување од конзервативните стеги, посебно во поезијата. Во годините подоцна тој се откриваше, се менуваше, постојано се преиспитуваше. Него го красеше самостојност на мислењето, а неговата голема страст беше оспорувањето на авторитетите. Така им пристапуваше на големите теми во минатотото, секогаш сомневајќи се, рече академик Урошевиќ во говорот.

За Урешвиќ, Ѓузел е интелектуалец кој во поезијата сакаше да се ослободи од својот багаж.

Професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Елизабета Шелева рече дека творештвото на Ѓузел не може да се сведе само на македонскиот простор, иако тој е Македонец кој пишувал и творел на македонски јазик.

Тоа творештво ги прескокна националните граници, бидејќи тој беше поет од светски ранг, уникатен, кој пишуваше на мал јазик, јазик на една мала земја кој го говорат малкумина и за жал, нема многу преведувачи кои можат да го преведат тоа што тој го напиша, рече професорката Шелева.

Ѓузел е роден на 9 февруари 1939 година во Србија. Роден е во Чачак, каде што татко му, Димитар Ѓузелов, работел како гимназиски професор со забрана за враќање во Македонија. По бугарската окупација во 1941 неговото семејство доаѓа во Скопје, каде Ѓузел израснал и се школувал.

Во 1963 завршил англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј”. Во 1963–1964 година работел како ТВ реализатор во РТВ Скопје. Во 1964/65 година бил на постстудиски престој на Универзитетот во Единбург, како стипендист на Британскиот совет. По враќањето, од 1966 до 1971 , работел како драматург во Драмскиот театар, Скопје, потоа од 1971 до 1973 година, како програмски директор на Струшките вечери на поезијата (СВП).

Од 1976 работи како библиограф во Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а од 1985 до 1999 , како драматург во Драмскиот театар, Скопје. Од 1999 година е в. д. директор на СВП, до пензионирањето во март 2004 година. Во меѓувреме бил секретар на Македонскиот ПЕН центар (1963–64), секретар на Друштвото на писателите за односи со странство (1970–72) и еден од основачите и прв претседавач на Независните писателите на Македонија (1994), на чиј двомесечник за литература и култура „Наше писмо“ е главен и одговорен уредник од неговото основање во 1995 година.

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е избран на 4 јуни 2012 .

Творечкиот опус на академик Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои триесетина се поетски збирки, над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници и сл., 85 единици се преводи на дела од странски автори, 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и сл.