„Љубави, како си ми, те поздрави Зоки“!

Со овие зборови претседателот Стево Пендаровски им се придружи на премиерите на Бугарија и Србија, Бојко Борисов и Ана Брнабиќ, во неформалниот разговор за време на самитот на земјите од Југоисточна Европа, што се одржа на Јахорина крај Сараево. Се разбира, како тазе претседател на државата, на тоа му претходеше повикот на Борисов-„Седи си тук при нас“. Едноставно, не оди самиот некому да му го наметнува неговото друштво.

„Љубави, ми смо много тога хтели заједно, само ово нисмо смели…“. Вака пее Жељко Јоксимовиќ во неговиот истоимен хит. Иако нема превод на македонски, сигурно не е потребен, зашто текстот е исклучително впечатлив и којзнае до колку вљубени, па и скршени срца се уште секојдневно допира.

Мора да се признае дека нашиот „шмекер“ од Автокоманда својата ноншалантност и блискост со бугарскиот премиер ја изрази на необичен начин. Како да не е претседател на Република Северна Македонија, туку обичен баскетџија од „Стив Наумов“. А, којзнае дали ќе постапеше исто така само ако знаеше дека истиот тој Бојко Борисов само неколку минути претходно за бугарските медиуми на јавна сцена манифестираше европска недопирливост и моќ, па си зеде за право да се потсмева со тоа за што и со кого ќе разговара. Дали со претседателот на Македонија, како што учтиво доби прашање од бугарска новинарка, или со „северномакедонскиот“ претседател?! За кого, за волја на вистината, имаше само пофални зборови, зашто бил првиот „северномакедонски“ политичар, кој отворено признал дека Гоце Делчев бил Бугарин.

Стево „љубави“, те поздрави Бојко! Не само што те поздрави, туку и се подбива со тебе! Како претседател! Северномакедонски! Или македонски, ако не се лажам! Или можеби не сум во право!? Не околу подбивањето, туку за придавката. Та нели таа беше зацементирана, исто како и идентитетот!?

Ајде сега претседателе Пендаровски покажете се. Реагирајте! Не мора поинаку, туку исто како што реагираше Бугарија како држава на изјавата на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ. Министерката Екатерина Захариева прва се јави и нејзината првична забелешка беше како смеел еден министер за надворешни работи да му се обрати на еден премиер на земја члена на ЕУ. Република Северна Македонија не е земја членка на ЕУ, ама мора да се забележи дека овде станува збор за релација претседател на држава со премиер на друга, соседна држава. Нивото треба и мора да е претседател на држава со претседател на држава, за што во случајов не се работи.

А, за достоинството да не говориме. Како претседател на сите граѓани на Република Северна Македонија должни сте да го браните во секоја можна прилика и на оние кои се чувствуваат Македонци и не ја прифаќаат придавката северномакедонски. Без разлика колку се на број. Ама сигурно не се малку. Или тие тоа не треба да го очекуваат од Вас!?

Уф, да не заборавам. „Љубави“ е српски израз. Се надевам дека во наредната прилика на Бојко ќе можете да му се обратите на македонски или на бугарски-љубов моја или лјубовче. Иако љубовта е безвременска и не познава граници, нели.