Дали можеш да продадеш вера за вечера ако немаш вера? Оваа дилема ме мачи по последната рунда делби и фракционерство во СДСМ, кога Венко-Заевистичкото крило ја употреби оваа архаична изрека за да го искара политичкиот аналитичар Петар Арсовски дека ја продал партијата. Според соопштението, Пеѓа ја продал својата социјал-демократска вера за вечера во гурманскиот сокак крај хотелот Лимак каде што се одржа собирот на ушемените незадоволни ес-де-есовци.

Триумвиратот Заев, Фрчко и Филипче мислеа дека ги надминаа фракционерствата во партијата по заминувањето на пола од кумановското крило и други ЗНАМ функционери, а потоа и на Шилегов и Деспотовски (чиј пребег навести дека и Шекеринска има замешано прсти во делбите во „државотворната“ партија. Не е сосем точно дека Филипче ги преброде овие проблеми бидејќи поради нив партијата падна на историски најниско ниво на локалните избори на кои остана со дузина градоначалници, а во меѓувреме со половина од нив се испокара. Филипче сепак се тешеше дека СДСМ го достигнале дното, а дека сега било ред на ВМРО да почне да паѓа во анкетите. Но овие влажни соништа, во кои не знаеме дали сериозно и самиот верува или ги шири за колку-толку одржување на внатрепартискиот морал, се распрснаа деновиве со новиот, уште посериозен раскол во партијата. Поранешни видни функционери од неколку фракции, дали од крилото на Црвенковски, дали на Шекеринска, дали на Пендаровски, па дури и Тачевисти, јавно се собраа да му порачаат на муртинското крило дека нивното време на управување со партијата заврши.

Согласно новата пропагандна тактика на СДСМ, водена од таткото и синот Фрчкоски, секое фракционерство и поинакво мислење мора да се сузбива со максимален медиумски напад – еретиците се прогласуваат за продадени, корумпирани политичари уценувани од власта (како се најдоа толку корумпирани во анти-корупциската партија?), се упатуваат со закани за исклучување од партија (кои Филипче потоа на негов срам не може да ги реализира) и се пуштаат партиските ботови да плукаат по непослушните (иако деновиве гледаме дека дури и ботовите им се поделени). Така и дојде до објавувањето партиски соопштенија против Петар Арсовски, и веќе легендарното обвинување дека „ја продал верата за вечера“.

Без никаква намера да го бранат Арсовски, (моја лична желба за поделбите во СДСМ е да траат што е можно подолго и ако може сите страни да изгубат) да се осврнеме малку на социјал-демократската вера и кој и кога и за што ја продал. СДСМ се наследници на комунистичкото-социјалистичкото движење, односно на работничкото движење. Гледате работници кај нив денес? Левицата го девастираше македонското село да го ослабне конзервативното јадро на Македонија и да ги натера селаните да бидат закрепостени работници (врзани за државни работни места на милост и немилост на партијата, без сопствен имот), а потоа во 1990ите ја девастираа и македонската индустрија, уништувајќи огромен дел од работничката класа. Денес работниците (фабрички или индивидуалните мајстори и занаетчии) се најверните гласачи на десницата – феномен кој може да се забележи и во многу други држави, а левицата е партија на високата јавна администрација, студентите и невладиниот сектор и на етничките малцинства (иако СДСМ ги губат студентите во полза на порадикалните леви партии, а етничките малцинства не само што не ги владеат туку видовме и како им стануваат потчинети кога се во коалиција).

СДСМ беа оригиналната партија на неврзаните – на идејата дека треба да се спротиставуваме на Западот, да бидеме скептични кон него, да помагаме на други народи да се ослободат од западното ропство (во замена за нафтени или градежни тендери), а притоа да бидеме про-истокот, но не целосно потчинети на Москва. Што остана од оваа верска заповед? СДСМ не да го продаде овој дел од верата за вечера, туку денес буквално молат да бидат повторно избрани за најобични извршители на западната волја во Македонија – трчаат по секој низок западен дипломат или агент на ЦИА и се нудат да одработуваат спротивно на македонските национални интереси, само ако може некој од надвор повторно да ги донесе на власт.

СДСМ беа и Југословени, посветени на идејата дека Белград треба да владее со јужните Словени, и притоа ги релативизираа сите не-словенски слоеви во македонскиот народ и историја кои не одговараа на југословенскиот наратив. Ова е можеби една од старите партиски определби на кои СДСМ донекаде им остана верна – партијата продолжува брутално да ги напаѓа историските наративи кои не се потчинети на словенската приказна. Но, во исто време, СДСМ ја продаде верата во Белград, а со се поизразеното потчинување на албанскиот фактор во Македонија му нанесоа голема штета и на словенството – плус јавно декларираат дека се подготвени најскапоцените периоди од словенската историја на Балканот да ги прогласат за дел од бугарската историја.

Омразата кон Бугарија секако беше голем, можеби најголем дел од социјал-демократската вера, што Пеѓа наводно ја продал. Сите други напуштања на социјал-демократската вера бледнеат во споредба со драматичниот лупинг што раководството на СДСМ го направи по прашањето на Бугарија, и тоа е и главната причина за бродоломот што им се случува веќе со години. Од партија која со децении апсеше, прогонуваше и денунцираше „бугараши“, денес од ес-де-есовците бугарашите не можат на ред да дојдат. Генијалниот пиперкарски трговец Заев преговорите со Бугарија ги отвори така што однапред им ги прифати сите барања. Откако си дојдоа на себе и се свестија малку од шокот што се македонскиот премиер е подготвен да прифати, во Софија нормално побрзаа тие барања да ги стават на писмено и да ги оверат пред ЕУ, и сега имаме гигантски спор од кој не знаеме како ќе успееме да излеземе без трајно нарушени односи со еден од нашите најважни соседи. Но, колку и да се урбани, модерни, шарени, пост-национални и безидентитетни актуелните гласачи, функционери и раководството на СДСМ, сепак дури и за нив преголем залак беше да го проголтаат качувањето на маршутката кон исток. Бевме сведоци како буквално членови на исти видни семејства од СДСМ се поделија меѓу себе поради бугарската политика на Заев, и тоа секако беше главна причина за појавата на ЗНАМ, а сега и на шемаџиите од Лимак, кои гледаат начин како да ја преземат партијата од заевистичкото крило.

Значи, ако некој ја продал ес-де-есовската вера за вечера (за бифтек со сос од шампиони како што нарачуваше покондираниот Муртинезер – бифтекот притоа секако го нарачувал ѓон препечен) тоа е секако е актуелното раководство на партијата. Гледаме дека бунтовничката фракција не се плаши од заканите за нивно исклучување од партијата, ниту од ботовските напади и соопштенијата на Фрчко Мали. Филипче се обиде да го импресионира партиското членство со тоа што тој и другите пратеници од партијата (по протокол) биле поканети на прославата на 4 јули во американската амбасада, но збирот луѓе околу него навистина не делува по-импресивон или по-ес-де-есовски од групата собрана во Лимак (а и тешко дека може да се надева дека САД повторно ќе му доаѓаат на помош на САД, барем не во мандатот на Трамп). Ако се потврдат шпекулациите дека и Шекеринска е вклучена во внатрепартискиот пуч, лесно може да се случи меѓународната поддршка – доколку дојде до такво нешто – да биде насочена против Заев и Филипче.

Накусо, сликата која ја гледаме на политичката сцена е дека владата лесно и без никакви потреси ја спроведе најавуваната реконструкција, како и реизборот на раководствата во ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО веќе има доминантна позиција наспроти СДСМ, со можност да распише избори по желба, а СДСМ поминува низ сериозни ломови. Дополнително, коалицијата предводена од ВМРО се проширува со партии од коалицијата на ДУИ, која направи нов обид да поттикне меѓуетнички тензии, но и тука издиша по една-две демонстрации, а нејзиниот лидер Ахмети веќе и самиот најавува пензионирање. Не само што ДУИ издишаа, туку се во ситуација да го загубат најголемиот регионален спонзор (откако останаа без неопходната поддршка од Вашингтон, а гледаме дека и Брисел не ги есапи). Ама дека се на чекор да останат и без Еди Рама? Албанскиот премиер со децении ги држи конците во регионот со неговите контакти со американскиот Стејт Департмент, со придобивањето на овој или оној европски лидер користејќи тактики за кои допрва ќе читаме и со неговите врски со империјата на Сорос при што Албанија стана главен регионален центар за финансирање на обоени револуции. Врвот на ова негово влијание во однос на Македонија беше кога во 2016 година организираше посета на директорот на ЦИА Бренан (веројатно да ги разгледа камповите за герилци за борба против Иран кои се обучуваат во Албанија) и неколку дена подоцна дојде до фамозната Тиранска платформа. Така Еди Рама буквално решаваше кој ќе формира влада во Македонија – и нормално го одбра Муртинезерот, со чија помош за неколку години дојдоа до половина влада да биде од етнички Албанци и Албанец премиер.

Изгледа дека Рама се преигра малку во неговите математики – иако најверен војник на Сорос на Балканите, Рама се обиде да „купи проѓа“ и кај Трамп со зделките на албанското крајбрежје, и сега гледаме дека неговата омилена тактика – организирањето обоени револуции – се користи против него. Ова се случува во контекст веќе подолготрајната поделба во албанската и косовската (и македонската) политика, каде Рама се бори за превласт со албанскиот премиер Албин Курти. Овој судир има елементи и на верски и внатре-албански поделби (Геги против Тоски) и секако се одразува и на Македонија, каде ДУИ се поврзани со Рама, а ВЛЕН со Курти. И тоа го дочекавме, врвниот замешател во македонската политика, човекот кој ни поставуваше премиери и потоа се потсмеваше со нив пред странски државници, сега плаче на цел глас како Албанците од Македонија (ВЛЕН) му се мешале во неговите внатрешни работи и ги поддржувале протестите во Албанија. Ако нешто покажува колку е подобрена македонската положба во регионот откако покажавме малку кичма и суверенитет, тоа е овој нов развој на настаните – не само што имаме суверенистичка влада која ги застапува националните интереси, не само што гледаме целосен распад на политичката опција која ги распродаваше македонските интереси, притоа гледаме дека не само што не трпиме удари од САД или ЕУ туку активно се бараат нови креативни модели за наше зачленување во Унија, па уште и успеваме донекаде да му вратиме на еден регионален манипулатор кој ни нанесе сериозна штета во минатото. Ако е за две години – не е лошо сработено.