Една од основните работи кои треба да ги знаеш за да преживееш на Балканот е да се чуваш од Грците, дури и дарови кога ти носат. Изреката Timeo Danaos е една од најстарите предупредувања во регионот, пренесувани од татко на син низ илјадници години. Неверојатно е дека тоа треба да му се каже на Балканец, особено во годината кога излезе нова филмска верзија Одисејата, која е прв запишан пример за оваа опомена.
Но, нашите источни соседи, што би рекол премиерот Мицкоски, очигледно треба да ја повторат оваа лекција. Бугарија со голем ентузијазам го примгогрчкиот подарок на саркофагот со посмртните останки на цар Самуил, кој бил пронајден на островот Свети Ахил во Мала Преспа, и потоа чувани во музеј во Солун, а сега торжествено ќе бидат пренесени во Софија и веројатно транспортирани низ Бугарија.
Овој гест дојде ненадејно, без многу најави во јавноста или пак дискусија за оправданоста на потегот. Бугарија го претставува како голема победа, а и Грците велат дека добиле фер размена, бидејќи за возврат Бугарија ќе врати икони и реликвии однесени од манастири во Сер и Драма при повлекувањето на бугарската војска во Првата Светска Војна. Но дали е навистина победа која ги исполнува бугарските национални интереси?
Да ја разгледаме првин грчката мотивација. Грција долго време водеше политика на држење на Македонија сиромашна и изолирана, како вовед во поделба на земјата, со што, според нив, ќе се неутрализира заканата од македонското прашање во Егејска Македонија.
Грчкиот страв беше дека развиена и успешна Македонија ќе биде катализатор за будење на присилно асимилираното македонско население во Воден, Лерин, Костур и другите делови на Егејска Македонија каде што Грција не успеала да досели доволно Грци протерани од Јонија и Понтус за да ја смени демографската слика. Самарас овој план дури и директно го образложи во телевизиско интервју. Оригиналниот план за поделбата беше меѓу Албанија и Србија, или пак држење на цела Македонија под Србија, како најприфатлива словенска нација за Грците.
Во некои верзии, планот предвидуваше поделба на Македонија меѓу Албанија и Бугарија, со грчка тампон зона со различна широчина околу Битола и Гевгелија. По Преспанскиот Договор, и особено по релативното зајакнување на Албанија, грчката стратегија како да се смени. Грција како да процени дека поделбата на Македонија (за која од денешна гледна точка е многу јасно дека Заев отворено работеше) претерано ќе ги зајакне Бугарија и Албанија и ќе ги направи безмалку паритетни држави на Грција на нивната северна граница, додека се соочуваат со многу поголемата Турција на исток.
Грчки коментатори дури велеа дека на нив сега им одговара Македонија да постои како бафер држава, со наметнато име и симболи, со некаков мултиетнички идентитет, без национална гордост и достоинство, но сепак да се одржува за да се спречи спојувањето на нејзините други две северни сосетки. И, секако, ако некој друг, освен нив, од соседите, треба да има влијание во Македонија, нека биде тоа Србија.
Како тогаш да го сфатиме овој неочекуван гест на данајска широкоградост кон Бугарија, чија поента е секако да и се покаже на Македонија чиј е цар Самуил? Гестот наликува на настаните организирани во Србија во 1980ите, со процесиите со моштите на кнез Лазар, што се смета за еден од чекорите на Милошевиќ за будење на национализмот во пресрет на војните со кои се распад на Југославија. Сепак, поентата на српската процесија била да се покаже дека Косово е српска земја – тие биле користени во големиот собир на Газиместан во 1989 година. Бугарија, напротив, не бара Мала Преспа и островот Свети Ахил да се обележат како почивалиште на цар Самиул, туку го евакуира саркофагот во Софија (веројатно надевајќи се дека ќе направи место на оддвање почит за Македонците, како што служи црквата Свети Спас во Скопје).
Неколку недели пред договорот меѓу Радев и Мицотакис за цар Самуил, српски организации и државни претставници, како и припадници на дипломатскиот кор во Белград, се искачија на Кајмакчалан за да ја одбележат годишнината од битката меѓу српската и бугарската војска и пробивот на Македонскиот Фронт во Првата Светска Војна. Собирот, кој се организира секоја година, е многупати критикуван во бугарската јавност, поради српското претставување на пробивот на фронтот како ослободување на Македонија (односно, нели, Стара Србија). Јасно е дека со тој собир, и со собирите на Зебрњак, Србија обележува делови од Македонија како нејзина територија, по принципот дека српска земја е секаде каде што има српски гробови (макар тие биле и во униформа).
Како тогаш да го сфатиме бугарскиот гест да се откажува од Мала Преспа како локација на царската гробница? Како, од гледна точка на својата национална кауза, така лесно се откажуваат од идејата дека тоа било центарот на бугарското царство? Наместо да бараат Грција да ја признае Мала Преспа како почивалиште на бугарски цар, па да организираат туристички посети, информативен центар.. Па само на 30-ина километри на запад, бугарската држава е силно ангажирана во придобивање на жителите на Пустец кон бугарската кауза. А не сме ги слушнале нешто да кажат за делот на Мала Преспа кој е во Грција. Какви луѓе живеат таму? Објективно гледано, дури и од бугарска гледна точка, положбата на Македонците во Албанија е неспоредливо подобра од положбата на Македонците во Грција.
Тие слободно говорат на својот јазик (Бугарија слободно нека каже дека тоа е дијалект на бугарскиот), си имаат непроменети имиња, можат слободно да ги пеат своите песни, дури имаат повеќе права од Македонците во Македонија со веењето на знамето од Кутлеш, кое неодамна толку го навреди Еди Рама.. Еве, со Софија спориме за тоа дали културата на Мала Преспа е македонска или бугарска. Но што е со жителите на делот од Преспа кој е во Грција? Што е со селата околу Свети Ахил и надолу кон Костур? Тие се принудени да учат на грчки, да носат грчки имиња, да пеат песни на грчки или само во инструментална верзија.
Македонија е веќе со децении под страшен притисок да не може да интервенира за заштита на правата на ова население. Дури бевме принудени и уставно да се обврземе дека нема да имаме иредентистички политики кон Грција, а Заевци го апсеа градоначалникот на Пустец за да ги сотрат мерките кои Македонија ги спроведуваше таму за одржување на македонскиот идентитет. Бугарија има некаков договор со Грција за размена на население, но навистина е шокантно како таа држава ја користи својата положба на членка на ЕУ, да отвора малцински прашања во Македонија или да се натпреварува со Македонија во Албанија, а ја игнорира огромната жива рана што ја имаме во Егејска Македонија. Како може да се залага за права на Бугарите во Пустец, а да ја евакуира Мала Преспа од царска гробница (за некоја деценија во умовите на младите ќе остане дека Самуил веројатно оригинално бил погребан во Софија).
Еве, ако ние не можеме да се заложиме за малцинските права во Грција, ако сме мали, слаби и притиснати (во голема мерка тој притисок се влошува со притисокот од Бугарија поради кој мораме да бираме со колку соседи ќе се замериме во даден момент), а ако Бугарија смета дека има Бугари толку далеку на запад, многу подобра и поправична употреба на овој патриотски набој што се јавува кај нив е ако тој биде насочен кон достоен, посилен противник – Грција – отколку да се користи да се блокира интеграцијата на Македонија во ЕУ (меѓу другото, тоа ќе значи интеграција на Македонија и со Бугарија, по децении принудна изолација). Нека се избори Бугарија за правата на Македонците во Егејска Македонија, а потоа ќе спориме дали се тоа Македонци или Бугари. Но не, Бугарија е целосно посветена на обидот, со сила и блокади, да ги добие отстапките што Заев им ги вети во Македонија, а воопшто не се интересира да отвара малцински прашања таму каде што интервенција реално е потребна.
Грција од овој чекор добива повеќе работи. Обележува парче спорна територија како грчка, така што од него го отстранува гробот на цар кој во некоја идна балканска криза може да се искористи како потврда дека правото кое го полагаат врз Егејска Македонија е прилично дискутабилно. Бугарија воедно се откажува од реликвии од сосем друг крај на Егејот, и со тоа и регионот на Сер и Драма го признава како грчки. Но Грција добива уште нешто. Успева да го продлабочи конфликтот меѓу Македонија и Бугарија, согласно нејзината прилично јасна стратегија да спречи повеќе бугарско влијание во Македонија (кое деновиве се мери не во проценти туку во промили).
Тешко дека многу Македонци сега ќе се кренат кон Софија да му се поклонат на цар Самуил и да кажат дека, штом почива таму, тој е бугарски цар (колку што Бугари го признаваат Гоце за Македонец откако бугарските власти го отстапија неговото тело на македонската држава). Напротив, овој гест веќе предизвикува коментари и од политичари и меѓу обични граѓани на социјалните мрежи (и секако платени ботови) во кои се дискутира за потеклото и припадноста на Самуил (добро е што уште не се вмешала Ерменија) и за карактерот на неговата држава, нормално гледан од точка на современите национални идентитети проектирани илјада години наназад.
И така доаѓаме до нова епизода во погубната бугарска политика кон Македонија. Политика на максимална иритација и конфликт, притисоци и условувања, држење на земја која ја нарекуваат братска да биде вештачки посиромашна отколку што треба. Политика на конфликт со тоа што во Бугарија се нарекува „македонизам“, без да води сметка дека токму тој македонизам е движењето кое го инспирираше отцепувањето од Југославија и градењето на држава која ги напушта погледите на историјата наметнати во Југославија (Бугарија е гневна што тоа движење не отиде во сосема другата крајност туку застана на достоинствената позиција дека сакаме да сме свои на своето – по половина дузина војни што нашите соседи ги водеа за нас).
Како и да е, јасно е дека Заев не закопа премногу длабоко, успеа да ги разгори националистичките апетити во Бугарија и тешко ќе оди нивното враќање во некои разумни размери. Притоа, бугарското влијание во Македонија се спушти на негативно ниво, па дури и политики кои во минатото сме ги застапувале – како на пример лустрацијата – стануваат радиоактивни откако почна да ги промовира Бугарија, заинтересирана само за националниот момент. Единствена надеж останува дека проблемот ќе биде пресечен на извориштето – во Брисел – кој им даваше сила на Грција, а сега и на Бугарија, за нивните балкански тактики. Тоа е и можно да се случи, со најавите од ЕУ дека конечно им текна да не интегрираат. Да им ја земат силата што им ја дадоа со тоа што имаат право да ни ускратуваат пари што треба да ни ги даваат Холанѓаните и Германците.
Иронијата е во тоа што интеграцијата на Балканот ги охрабри и засили најнационалистичките тенденции кај Балканците кои први беа прогласени за Европејци, против нивните соседи. Слободно може да се каже дека многу фалениот процес на европеизација беше штетен и ги продлабочи постоечките и предизвика нови поделби во регионот (да не зборуваме за континенталните финансиски потреси што ги предизвика идејата Грција да се прогласи за нормална европска економија). Да се надеваме дека со овие нови планови на Брисел ќе се надмине оваа вештачка поделба, која за Македонија почнува да наликува на поделбите од Студената Војна, и дека ако веќе не може да надвладее разумот во Софија, тоа ќе се случи во Брисел.







Comments are closed for this post.