Кога институциите се само згради, мебел и службени возила, а функционерите само носители на привилегии, на службениците им преостанува да бидат само неми извршители на конфузијата и чувари на привидот на систем. Предолгото игнорирање на правилата од самиот државен и политички врв доведе импровизацијата да биде правило, а аматеризмот лајт-мотив на дејствувањето. Оттука, јасно е дека било само прашање на време кога ќе ни се случи телефонското зафркавање на премиерот.

Интересно е затоа сега да се види колку аматеризмот бил пренесен и на МНР. Димитров се обидува да не „влезе“ во темата, а треба да објасни дали тој и Министерството знаеле за оваа комуникацијa на Заев со „Порошенко“ и дали за истата комуницирале со украинската амбасада овде и со македонската во Киев. И МО треба да одговори дали Шеќеринска била запозната, на пр., за комуникацијата на Заев со „Столтенберг“ и дали за неа се издавале и официјални соопштенија. И конечно, сите треба да одговорат на прашањето како тоа никој на релација Влада-МНР-МО не забележал дека нешто не штима? И да понесат одговорност, оти личи дека е ова е вовед во некоја нова „Вистина за Македонија“, овој пат Северна.

Засега загрозувањето е (само) во понижувањето

Непосредноста е предност во изборните кампањи и внатре-партиската комуникација. Таа е прашање на карактер, но и на тренинг. Личната достапност 24/7, пак, е трендовскиот пристап на микро-менаџерските политичари во Македонија, кои на тој начин се трудат кон себе со услуги да врзат што е можно повеќе луѓе кои инаку би требале да ги очекуваат истите услуги од државата – во редовна, веројатно подолга постапка.

Но, во динамичниот свет на комуникации и „хибридни“ закани премиерот морал да сфати дека не комуницира со претседатели на месни партиски ограноци и дека билатералната комуникација веќе не му е со колегата од Благоевград; неговите советници морале да сфатат дека веќе не се бејли-пломповски медиа-ен-џи-о креатори на јавно мислење, туку државни службеници со овластувања и одговорности, а неговите министри дека се државни функционери со ингеренции што можат да бидат загрозени од непрофесионализмот, лично нивен или на нивниот шеф. И да побараат негова одговорност или да стават крај на аматеризмот со сопствена оставка.

Впрочем, разликата меѓу телефонските зафрканции со Макрон, Ердоган, Џонсон и оваа со Заев е во тоа што првите, поради организираност на нивниот протокол и кабинет ги „провалуваат“ пренкстерите по 15 минути разговор. Нашиов немал поим се додека на пренкстерите не го „провалија“ оти и зафркавањето со него им станало – здодевно.

Токму избраниот пи-ар пристап на социјал-демократите за релативизација отвора простор за продолжување на ваквиот тренд на импровизации. Од снимките за Дудуш и Рашковски, стана јасно дека извор на информациите не е опозицијата, туку дека тие протекуваат од самите актери на власта, што покажува дека специјална војна се води, но таа сериозно води корени од струењата на „Бихаќка“. Последново докажа дека за аферите не се виновни проопозициските новинари, туку прекршителите на законот и протоколите. Од власта.

„Секое зло за добро“

Хвалоспевите за Заев на благонадежните „млади партизан(к)и“ од партиското раководство се еднакво смешни како и медиа-партиските ботови по социјалните мрежи и тие само го зголемуваат потсмевот и одбојноста кон Владата.

За вакви гафови и однесувања пред три-четири години бевме подготвени да протестираме и баравме оставки, но сега се покажа дека дел од нас од критичката и политичката јавност принципиелно сме барале систем и институции, а друг дел само барал партиско ухлебување, па сега наместо одговорност, бара начин да го брани неодбранливото. Паднаа маските.

Руската „хибридна“ закана кон НАТО-вска Македонија не е изненадување. Но, пред да продолжи подведувањето на се и сешто во категоријата „руска загроза“, да се потсетиме на приказната за лажливото овчарче. Секогаш кога сакало да се одмори од работата, викало „Волк, волк“ и селаните доаѓале да си ги приберат овците. Но бидејќи тоа пречесто се случувало, кога волкот навистина го нападнал стадото – никој не дошол и покрај повиците за помош. Хибридните закани (ќе) се зголемуваат како се приближуваме до полноправното членство во НАТО. Но ова конкретно понижување е последица само на комплетен домашен политичко-институционален пристап на импровизација и непрофесионализам.

Затоа можеби е време американската и европските амбасади да ги прочешлаат списоците на учесници на различните политички програми од нашите партии овде – расадници на кадровски решенија по институциите. За да видат на што и на кого биле потрошени и на што се проектирани средства од нивните даночни обврзници за развој на политичките и институционалните капацитети во Македонија. Можеби ќе увидат чудна коинциденција меѓу нивната поддршка на „децениски и генерациски проверениот“ елитизам на една иста политичка каста со про-западна шминка и продорот на источната (хибридна) закана. И тогаш ќе го сфатат расчекорот меѓу пораките на општеството и наративот на политичарите што Македонија ја прават порозна за заканите.