Во деведесетите и малку пред замав да земе новото дигитално време, поголем дел од технологијата се уште беше аналогна. И сигурно тие што биле тинејџери во деведесетите се сеќаваат на следната ситуацијата: кога некоја девојка или дечко ви се допаѓаше и за да воспоставите телефонски контакт се неа или него мораше да се звони преку фиксен телефон. И најчесто најпрво на телефонот ќе се јавеше некое повозрасно лице, некој од родителите на девојката, или најчесто бабата. И така со малку повеќе храброст, јунакот што ја бараше девојката не велеше веднаш „Ало, љубави“, а сепак постоеше каков-таков некој однос, протокол, па бабата ќе прашаше кој е од другата страна на телефонот, а јунакот храбро, лажно, но сепак скромно во лагата ќе речеше дека тоа е еден другар, а дури потоа ќе се јавеше девојката. Е тоа беа деведесетите, кога мобилната технологија се уште не беше многу развиена и ефтина и заради тоа не беше лесно достапна.

Милениумската бубачка го најави почетокот на новиот милемиум кога целиот свет стравуваше од колапс на компјутерските системи при преминот во новиот милениум, а светот со брзи чекори напредуваше кон дигиталното време. Дигиталната технологија се повеќе се развиваше и напредуваше, стануваше поефтина, а исто и технолошките производи и услугите стануваа се поефтини, а на тој начин пред се широко достапни. А денес сме сведоци на се побрз пренос на информациите, појавата на разни популарни апликации и социјални мрежи што се дел од нашето секојдневие.

Денес гледаме дека дигиталната технологија и апликациите се повеќе се користат во светската политика. Светските политички лидери своите пораки ги пренесуваат на популарните социјални мрежи. На тој начин имаат директен достап до поголем дел од електоратот и така нивното политичко влијание се зголемува преку тие социјални медиуми. Во взаимната комуникација меѓу политичките лидери секако дека се користат популарните социјални медиуми и апликации, но секако тоа не значи дека се нарушуваат, или треба да се нарушат безбедносните и формални протоколи на комуникација.

Деновиве бевме сведоци на гафот на Премиерот, или како што тој самиот рече дека бил жртва на руските комичари. Ете и тој како и другите жртви од „доброто друштво“, алудирајќи на другите светски политички лидери што биле жртви на руските комичари. И слушаме како за тој гаф нема никаква одговорност. А има само извинувања, извини, sorry, ама ете се стори! И толку! И пред се, се прашуваме од каде таа самодоверба на Премиерот на тој начин, и во таков слободен крајно неформален стил да ги води тие разговори за државните работи?! Од каде таа умисла да се прекршуваат протоколи? И да не биде сам, видовме дека дури и Претседателот на државата си дозволува едно такво неформално мачо однесување?

А да, се сетив, самодовербата за таквото однесување на Премиерот доаѓа токму од стекнатата заштита од т. н. странски пријатели на Премиерот, или т. н. „чадор“ што го штитеше додека неговите странски пријатели имаа интерес и корист од неговото неформално однесување и мачо-политиканство. Самодовербата се градеше на тоа дека странските пријатели му дадоа моќна алатка (снимени тајни разговори) во рацете со цел да дојде на власт. Потоа истите тие странски пријатели застанаа со сите свои средства зад неговиот грб додека се потпише договорот од Преспа, додека се направија уставните измени и за на крај да се промени државното име. На тој начин со сите свои потези странските пријатели ја хранеа самодовербата на Премиерот. И на крај, кога целта беше постигната, странските пријатели го затворија чадорот, а самодовербата на Премиерот стигна до небо. Така, гледајќи дека сѐ се може додека е на власт, не постојат граници, скоро се поминува, самодовербата е моќна психолошка карактеристика, дозволува да се прават скоро невозможни дела, но истовремено понекогаш тоа го помрачува паметот, па тој се губи. И после се преголемата доза на самодоверба може да ве одведе во сопствената замка, ако немате сопствена волја да слушате совети. Ајде вака до октомври додека чекаме датум за преговори со ЕУ, ќе гледаме скечеви, и сето тоа подготвено од власта. Тоа е, sorry, ама се стори!