Република Северна Македонија, Северна Македонија, Република Македонија или само Македонија, се едно или кој како милува според сопственото убедување и гледање на работите, ја делат 48 часа од првиот круг на гласањето за шестите по ред претседателски избори. Шести по ред, а толку „нијанси“ во името на државата, која како самостојна функционира само нецели три децении. Па, и самите избори беа распишани во Република Македонија, а треба да добиеме претседател на Република Северна Македонија. И ако го добиеме, зашто „уплавот“ од бојкотот се уште виси над сите нас или како политичка одмазда, или како општо незадоволство кај граѓаните од тридецениското однесување на политичките елити, или како општа предозираност од избори и од политика воопшто на штета, се разбира, на елементарен пристоен живот како во секоја цивилизирана држава.
Тројцата претседателски кандидати, и тројцата универзитетски професори, Блерим Река, Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски, го истрчаа првиот круг од кампњата. Река како кандидат на опозициските Алијанса за Албанците и Беса, Сиљановска Давкова исто на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, и Пендаровски, како адут на власта на СДСМ и ДУИ, со нивните коалициски сателити. И тука намерно не споменуваме термини од типот на надпартиски или консезуален, зашто, сепак, досегашната тридецениска пракса покажа дека без партиска поддршка тешко се стигнува до собирање потписи, а камо ли до целосен изборен успех. А, тоа како самите или нивните штабови сакаат да (ни) се „продадат“ е сосема друга работа.
И, ако треба да се извлече некој најмал заеднички содржател од првиот круг на кампањата тоа се мирната атмосфера и слоганите, што ги одбраа кандидатите. Тоа, што, пак, можеше да се почувствува и насети во заднина, дава само дополнителен шмек, чија кулминација треба да се очекува во тоа што претстои за и во вториот круг.
Мирната атмосфера во текот на кампањата може кој како сака да ја толкува. Но, едно е сигурно-подобро нешто на Македонија не можеше да и се случи во овој политички миг и во овие политички околности и услови. Некој ќе рече, кампања без жар не е кампања, туку повеќе бледило, безличност и безидејност. Да! Ама, за едно целосно поделено општество, потресено од менување на името на државата, на институционална и национална деноминација, од целосно уривање на човечкото достоинство, на уставни промени, од европски и светски двојни стандарди, од уцени, од секојдневни лаги на политичките елити, од корупција, од Мира дизел и баџанак непотизам, од…секое зголемување на политичкиот адреналин нема да значи ништо друго, освен одново влегување во нераскинливиот маѓепсан круг на политичко насилство, фрустрации, одмазда… Што неминовно се рефлектираат во секоја пора од општеството и секојдневното живеење. Па, не зборувал татко со син, брат со брат, сестра со сестра, сосед со сосед…А, како ќе зборуваат! Побргу очи ќе си извадат! И токму од овие причини политичкиот адреналин губи на својата вредност пред бледилото и отсуството на жар во кампањата.
За Републиката-на Река, Право и правда за Македонија, татковината повикува-на Сиљановска- и Заедно напред-на Пендаровски, беа трите слогани под кои ни се претставија тројцата кандидати. И како граѓани, секој од нас со својот глас треба да се одреди за еден од нив. А, објективно, може ли три во едно, молам?! Зашто, сите три слогани имаат своја специфична тежина и сите три на едно купче, во вистинска смисла на зборот, во моментов и се потребни, па дури и неопходни на Македонија. И за тоа не се потребни посебни елаборации или докторски дисертации.
Ако, пак, на работите се погледне од друг агол, ова За Републиката може да се протолкува и како нијанса сиво, што би значело друг синоним за тоа што се именува како едно општество за сите. Но, и едниот и другиот повикуваат на еднаквост. А, може ли да има еднаквост на сите без право и правда или владеење на правото? Апсолутно не!
Ги видовме претседателските кандидати и во друго светло, како обични луѓе со свои слабости и предности. Видовме и слушнавме и обиди за ситни подметнувања, за бегство од вистината, за политички голи фрази и флоскули без никаква содржина и суштина, партиски (не)успешни напади и контранапади, насетивме коалициски судири и внатрепартиски (пре)групирања. Се во рок на службата, што би се рекло. Ни остануваат два дена мир и спокојство за да донесеме конечна одлука и в недела да го заокружиме бројот пред кандидатот за кој ќе се определиме.
Само како загревање. А, потоа? Потоа следи најважното. Вториот круг и повеќе од сигурно многу пожестока кампања во која ќе биде тешко да се одредат границите на дозволеното.
Comments are closed for this post.