Господе, чувај ме од пријателите, со непријателите самиот ќе се справам!

Во ваков стил настапија градоначалниците на Град Скопје и Општина Карпош, Петре Шилегов и Стефан Богоев. Демек, по добиената порака од граѓаните на неделниот прв круг од претседателските избори, двајцата излегоа да кажат дека ја добиле пораката произлезена од слабиот цензус и минималната, речиси занемарлива предност на нивниот партиски кандидат Стево Пендаровски. И во духот на чесен титов пионерски дух ветија дека во иднина, веднаш по изборите, ќе почнат да работат како што треба и како што доликува да прават, вистински градоначалници.

Ама добро ќе беше тука и да застанеа. Напротив, и едниот и другиот продолжија со висока политика. Во стилот – јас тебе војводо, ти мене сердаре – се обидоа да му помогнат на Пендаровски. Со што? Со мотивирање на граѓаните да излезат во вториот круг од претседателските избори и, нормално, да го дадат својот глас за нивниот адут. А, за одговорноста за лошите резултати да не се грижат. Веднаш по изборите ќе започне „чешлањето“ на оние кои потфрлиле во својата работа.

Ги повикувам граѓаните што помасовно да излезат на претседателските избори, а ако не се задоволни од владеењето на СДСМ, не треба да ја казниме нашата држава и да ја вратиме децении и децении назад, изјави Шилегов.

Не би рекол дека е лош резултатот. Најверојатно тоа е порака дека некои работи треба да ги забрзаме. Ваквите пораки сериозно се сфаќаат од наша страна. Во вториот круг нема логика да биде казнет Пендаровски, кој најавува дека ќе ја води државата напред, надополни Богоев.

Да слуша и гледа човек и да не може да поверува во тоа!? А, Прибе којзнае што ќе си помисли!

Шилегов се обидува, само се обидува и ништо друго, да направи извесна дистинкција меѓу партијата на власт СДСМ и државата, зашто враќањето назад (на државата) со децении и децении целосно кореспондира со слоганот на Пендаровски – „Заедно напред“.

Богоев, пак, го надополнува поистоветувајќи ја „казната“ на Пендаровски со неговата најава за водење на државата напред. Што ќе рече, ако СДСМ не е државата, тогаш тоа е Пендаровски! Или, изборот на Пендаровски е државата! Пендаровски е државата! Само он и никој друг!

Државата, тоа сум јас, е паролата на Луј XIV, која останува во севременските височини.

И така, Шилегов и Богоев му помогнаа на Пендаровски. Поистоветувајќи го со државата. А, на Стево ова, повеќе од сигурно, не му паѓа ни на крај памет. Сигурно самиот си повторува – Господе, чувај ме од пријателите, со непријателите самиот ќе се справам!

„Најперспективниот млад политичар во Македонија“, што би рекол Пендаровски, има уште поливина мандат да ги оправда очекувањата на граѓаните, а Шилегов веќе се покажа. Најдобар е кога го чисти ѓубрето по митинзите на двете најголеми политички партии од власта и од опозицијата.