На почетокот на овој месец започна трката за шестите претседателски избори, а воедно први по стапување на сила на Преспанскиот договор. Исто така, на почетокот на овој месец за прв пат во човековата историја тим од научници успеаа да ја направат првата спектакуларна фотографија од црна дупка во вселената. Успехот на таа фотографија се должи на меѓународна научна соработка и набљудување на непосредното опкружување на црната дупка. Така, Ајнштајн е повторно во право за постоењето на црните дупки во вселената. Но, не мора да се биде Ајнштајн за постоењето на црните дупки во политиката кај нас. Ниту пак ни требаат некои супер-телескопи за да ги видиме сите црни дупки на домашната политичка сцена.

Ете привршува предизборната кампања. Кај нас наместо фотографии од црната дупка по социјалните мрежи видовме селфи фотографии што приврзаниците на политичките партии ги прават во знак на поддршка за своите политички фаворити. А фотографиите се прават и во знак на лојалност кон партиските штабови и партиските лидери. Претседателските кандидати пред почетокот на кампањата се обидоа да се прикажат како натпартиски кандидати со цел да ги освојат симпатиите на оние неопределените гласачи. Но, некако во текот на кампањата до сега се покажа дека се далеку од претставата за натпартиски кандидати. Непоседувањето на партиска книшка не ги прави натпартиски кандидати. Сосема е јасно дека за претседателските кандидати да добијат силна подкрепа на изборите зад нив треба да стои разработена партиска машинерија. Тоа така функционира во политиката кај нас како црна дупка.

Во овие нецели три децении постоење на државата, од независноста па до овие избори сме имале околу 20 пати изборни циклуси од различен калибар, било тоа парламентарни, претседателски, локални избори, или референдуми. Тоа од една страна изгледа дека секоја година и пол има избори во државата, а од друга страна тоа ќе рече дека електоратот за релативно кратко време поминал многу изборни циклуси и така стекнал големо искуство во гласањето и изборите. Претпоставувам дека кај нас веќе може да има и таква нова професија – професионален гласач на избори. Ете уште една црна дупка во политиката.

Друго, до сега се покажа дека претседателите на државата колку и да биле на таа позиција со цел да го изразуваат државното единство, многу често се случувало да тие работат во интерес на своите политички партии и се продолжена рака на своите партиски лидери. Кога претседателот на државата бил од иста политичка партија со таа во власта, тогаш претседателската функција е само маша во рацете на извршната власт. А кога претседателот бил партиски опонент на власта, во тој случај тој често ја опструирал власта. Да, претседателот треба на некој начин да биде коректив на власта, но не по штета на граѓаните и државата. И тука пак има црна дупка.

И можеби најголемата црна дупка е тој овчи фактор на електоратот по секоја цена да се биде лојален на политичките партии, .т.е. да се биде партиски роб и никако да се избегне од комфортната зона за критички со своја глава да се размисли дали власта работи во интерес на граѓаните. Слепо, немо и послушно. И така без излез од црните дупки. И се додека не ги дигнеме телескопите малку повисоко да погледнеме, се до тој момент ќе ни се случуваат секакви епидемии и ќе останеме заробени во нашите црни дупки.