Најуспешниот македонски спортист на Медитеранските игри 2026, каратистот Матеј Белистојановски, ги искажа своите впечатоци за настапите во Таранто и освоениот златен медал.
– Учеството на Медитеранските игри за мене е големо искуство. Очекувањата ми беа огромни затоа што се подготвував цело лето. Голема чест е да се учествува на МИ, а уште поголема гордост е да се освои златен медал. До златото стигнав со четири победи во исто толку борби. Совладан беше натпреварувач од Сирија во првата борба, во четвртфиналето го победив Лука Мареска – европски сениорски првак, во полуфиналето бев подобар од грчкиот претставник, а во финалето и убедливо го победив ривалот од Хрватска. Сакам да им се заблагодарам на МОК и на мојот тренер Александар Стефановски, без нив немаше да го постигнам овој успех, рече Белистојановски на денешната прес-конференција во МОК.

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, како успешни ги оцени настапите на Македонците на Игрите во таранто.
Македонските спортисти освоија шест медали – едно злато, две сребра и три бронзени медали.
– Беше вистинска привилегија да се биде предводник на македонската делегација во Таранто од секој аспект. Имавме прекрасни спортисти кои ја претставија државата во најдобро светло. Ние како МОК логистички одработивме најдобро и се надминавме себе за да им обезбедиме најдобри услови на нашите спортисти. Ова е едно од најуспешните наши учества на МИ со шест освоени медали. Малку фалеше да освоиме уште некој медал. На овие игри им дадовме шанса на многу наши млади спортисти и тоа беше една од нашите цели пред тргнувањето во Таранто, рече меѓу другото Димевски.
За успехот на македонските борачи зборуваше Могамед Ибрагимов, кој истакна дека четирите медали од борењето се потврда за квалитетот и континуираната работа во овој спорт.
– Четири медали во борење на едни Медитерански игри е огромен резултат. Тоа покажува дека имаме квалитетни борачи и дека работата што ја вложуваме дава резултати. Овие медали се мотив да продолжиме уште посериозно и да создадеме услови за уште поголеми успеси на следните големи натпреварувања“, истакна Ибрагимов.
Медалите македонските спортисти, Фати Вејсели, Реџеп Хајдари, Вероника Консевиќ, Ален Рустемовски и Матеј Белистојановски ги освоија во борење, бокс и карате.







Comments are closed for this post.