Ефекти на аферата „Рекет“ се компромитирана кредибилност на отворените и очекуваните процеси од прислушуваните разговори, на СЈО и на целокупното правосудство, но долгорочна последица е рушењето на вербата дека може да постои македонски правосуден систем имунитетен на корумпираност во политиката, управувањето со јавните средства и институциите.

„Пресот“ на Јанева личеше на помпезно најавуваните читања изјави и неодговарање на прашања од страна на Иванов во екот на кризните 2015/6/7. Фактот што таа кажа премалку и предоцна само дополнително го засили сомнежот дека врвот на Владата (Заев, неговите партиски/владини соработници) е вплетен во „Рекет“: од пораките на Јанева кон него, партиите и странците – креатори на СЈО, личи дека таа (му) порача дека „ако паѓа, ќе ги повлече сите со себе“.

– Во изминативе седмици на моите колеги и мене во повеќе наврати ни беше кажано дека судии, наводно, припишувале одлуки донесени во тековни судски предмети, истраги и притвори на „инструкции од Американците“. Ништо не би можело да биде подалеку од вистината“ – ќе напише поранешниот амбасадор на САД во Скопје, Џес Бејли, алармирајќи за „трговија со влијанија“ во писмо до претседателот на Судскиот совет, доставено и до министерот за правда, на 18 декември 2018. Писмото недела и пол остана непознато за јавноста, па Амбасадата се погрижи да се обзнани преку медиумите. Од оваа временска дистанца, јасно е:

Бејли го најави „Рекет“ уште на 18 декември 2018

– Ова е сигнал да преземеме одредени дејства и да видиме што е причината да се дојде до такво писмо – ќе изјави премиерот на последната собраниска седница лани. Според „пукањето на аферата“ 7 месеци подоцна – дејствата задоцниле или воопшто и ги немало.

Кога во 2016 се застапував за еднократен генерален реизбор на судиите низ Собранието, СДСМ и нивните невладини и медиуми, но и амбасадите се подбиваа со ваквиот предлог оти „бара уставни измени“. Но во 2018 излезе дека Уставот сепак е лесно менлив: за промена на името на државата – да, но не и за функционализирање на правосудството што ќе санкционира и искоренува системска корупција во државата.

Провладината парто-нво-аналитичко-медиа камарила деновиве е последната линија на одбрана на власта која до пладне пробува да допре до непартиската јавност и од системска корупција „Рекет“ да го сведе на кадровско прашање – а  од пладне натаму да ги реанимира СДСМ и нивните коалиционери за бранење неодбранливо. Оваа камарила не се самодискредитира затоа што ги поддржува социјал-демократите, туку бидејќи ги премолчува непријатните прашања: кој се овозможил компромитирачки материјали да се изнесат од СЈО (материјали што се архивирани и за чие земање мора да има запис во институцијата, а се користени и од обвинители и од истражители) и да се користат за „трговија со влијанија“ и рекетирање со поддршка на сопственик на провладин медиум.

„Ухлебен“ во медиуми блиски до власта или во самата власт – тој медиа-нво-службењачки круг близок до СДСМ од релативизатор на вистинските, всушност стана засилувач на лажните вести. Затоа, владиниот план и мерки за борба против лажните вести се доживува како изговор за иницирање регулатива за владина цензура и закана по слободата на говорот. Преседан што ќе го користи секоја следна влада.

Претседателот да не остане само „последна брана“ на СДСМ пред „Пржино 3“

Ако Пендаровски (како кандидат на СДСМ) прифати дека веќе сме „едно општество за сите“ како што смета Заев, тогаш нема кого и што да „помирува“, а ако и натаму инсистира на „помирување“, значи дека го порекнува успехот на концептот на Заев. „Помирувањето“ иницирано од него можеби и би имало смисла доколку барем составот на неговиот кабинет служеше како пример на расчистување со партиските миленици на секој систем и власт во изминатите две-три, па и повеќе децении. Вака, тој е опкружен со припадници на сите минати власти чии политики се изворот на поделбите во општеството.

Поинаквото опкружување ќе му беше корисно и оти од старт ќе му ја потенцираше потребата од различност во однесувањето, детектирањето предизвици и одлучувањето меѓу функцијата претседател на Републиката и позицијата советник на претседателот. И ќе му овозможеше тој да биде носител на „чадорот“, наместо чадорот да прокисне од моментот на објавувањето на видеото за „здраво хубави“ или „љубави“ (сеедно). Затоа засега личи дека претседателот целно се самоизолира со темата „помирување на општеството“. Следен тест за него ќе биде ставот кон владиниот план и мерки за борба против лажните вести и ризикот од институционализирана партиско-владина цензура.

Ако состојбата остане каква што е, наскоро ќе гледаме нови „пржински“ преговори што формално ќе ги спонзорира токму претседателот, додека странците повторно ќе бараат нови ликови и системски крпеници што ќе ја продолжат играта или ќе увидат дека и играта и играчите се потрошени, па ќе го отворат просторот за „непресметливите“: политичари и активисти кои не се миленици (должници) на тукашниот (дипломатски) естаблишмент и ја сакаат Македонија во НАТО и ЕУ затоа што таму припаѓа, а не за грантови, семинари и тендер-аванти.

Доколку сакаат да го прекинат затворениот круг на производство на лажни политичари, вредности, стандарди, институции, медиуми и вести. Пред Македонија да биде држава со карактеристика “F”. Fake, Failed или обете, сервирана „на послужавник“ од Западот за Истокот.