Во времето на режимот, како што милува да кажува оваа власт, во времето кога поранешниот премиер со сегашен престој во Будимпешта ја водеше државата, тогаш се вртеше еден чаршиски муабет во стил ако имаш фирмичка и ако на врата ти затропа поранешниот шеф на тајната полиција (братучедот на премиерот), е тогаш знаеш дека ептен ти тргнало во бизнисот. И да не се лажеме дека тогаш немаше рекет, или дека луѓе блиски на тогашната власт не рекетираа бизниси и бизнисмени изнудувајќи пари од нив, а притоа злоупотребувајќи државни ресурси како информации од тајната полиција, обвинителството и судовите, податоци од институциите што имаат достап до личните приходи на граѓаните, и сето тоа се правеше со амин на поединци од таа власт. Познато е дека дел од изнудените средства завршуваа во нечии џебови или тајни сметки, а дел од парите беа за политички цели. И тоа беше една јавна тајна.

Сега откако се сменија актерите во власта, гледаме дека навиките не се смениле. Само што сега луѓето блиски на власта го прават истото како нивните претходници, само што парите ги пренесуваат во Луи Витон торби. А тие, бизнисите и бизнисмените за да опстојат и профитираат се претвориле во камелеони, па ја менуваат бојата прилагодувајќи се на политичките околности во зависност од тоа кој ја води државата. И таа приказна, еве ја живееме скоро три децении.

Штетата е огромна за сите нас. Нашите родители го живееја тој транзициски период со надеж дека работите ќе се подобрат и дека ете најсетне државата ќе тргне напред. Живееjа во време кога власта го продаваше државниот имот, а на сметка на тоа се затвораа фабрики, многу луѓе останаа без работа и поединци преку ноќ станаа милионери и бизнисмени. Тие транзициски бизнизмени и ден денес се тука, си тераат бизниси со наши пари, а од време на време ќе се појават некои каубојци блиски до власта и ги рекетираат. Па тука се сетив на една народна мудрост што вика „арам дошло, арам си отишло“.

Се мислам дали оваа приказна може да има крај? Дали ќе нѐ биде, како што љуби да кажува министерот за надворешни работи, или нема да нѐ биде? Да, можеби може да нѐ биде, ако најпрво луѓето одговорни за ова што ни се случува на сите, најпрво бидат строго казнети, а тие што се наоѓаат на одговорни позиции во власта и што допуштиле да се случува сето ова што се случува, да си поднесат оставки и да сносат одговорност. Но, ете летово започна со скандали, секоја седмица скандал после скандал, а оставки сѐуште нема. Има некои мали козметички промени на раководни функции, но тоа е онака за нијанса, колку за замајување на јавноста, но никакви сериозни промени. Место метла, власта се мавта со опашката.

Друго, пасивно ги гледаме сите овие неправди и скандали како ни се случуваат, а револтот најчесто го изкажуваме на социјалните мрежи, правејќи мајтап од целиот политички циркуз. А што друго останува, освен да се насмееме?! Во други држави, и да не одиме подалеку, туку да погледнеме во соседството, штом се случат неправди или кога тие неправди ќе удрат по џебот на граѓаните, веднаш се случуваат протести. Но, ние тука во нашево чудесно државиче, пасивно си гледаме скандали и си правиме мајтап. Таа пасивност сигурно влече свои историски корени длабоко во минатото сублимирани во народната „наведната глава, сабја не сече“. Сведоци сме биле и кога имало вистински протести против неправдите, но тие за брзо биле злоупотребени за други да дојдат на власт. Имало и поединци што се обиделе да ги сменат работите на подобро, но и тие најчесто штом дошле на власт се повампириле, или ги снемало во немоќ да ги сменат работите, бидејќи тие промени не им одговарале на нивните претпоставени. И така „изгубени во преводот“ пасивно си гледаме скандали, правејќи мајтап и чекајќи подобри времиња. На нашите родители, така чекајќи им помина времето.

Ќе дојде и октомври. Но, датум за почеток на преговори со ЕУ нема да дојдат. А и да дојде нашиот октомври (со датум за почеток на преговори со ЕУ), тој октомври кога и да биде, нас нема да нѐ биде. Работите сами од себе нема да се подобрат. Корупцијата нема да исчезне, ако ние самите ја толерираме и храниме. Промените кон подобро ќе се случат, тогаш кога решително ќе одлучиме активно да ги променуваме работите околу нас. И тогаш, кога на клучните позиции, кадешто се носат важни одлуки што допираат до сите нас ќе има способни луѓе што ќе работат чесно во наш интерес, а се до тогаш ќе останеме изгубени во преводот.