Заев и СДСМ пред изборите ветуваа квалитетен образовен систем и најмодерни објекти, а сега во новиот мегаломански буџет за 2019 година предвидуваат помалку средства во клучните сегменти во образованието отколку што предвидуваа лани за буџет за 2018 година, обвини денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Тој информираше дека власта за 2019 година предвидува помалку пари за ученички и студентски стандард, наука, за изградба и реконструкција на студентски домови во однос на она што го предвидуваа лани ова време.

Портпаролот Арсовски излезе со бројки дека лани за ученички стандард предвидени биле 6,7 милиони евра, а сега од власта предвидуваат 5,9 милиони евра или скоро 1 милион евра помалку.

Кратење има и во предвидувањата и за студентскиот стандард, дополнува Арсовски, за кој ветуваа дека ќе биде по европските примери рамо до рамо со европските студенти. Лани планираа 14 милиони евра, а за наредната година кратат во предвидувањата и планираат 12 милиони евра или за 2 милиони евра помалку.

СДСМ крати и во однос на ланските проекции на Буџет и за изградба и реконструкција на студентските домови. Како што кажа Арсовски во буџетот за 2018 година планирани биле 4,4 милиони евра, а во проекциите за Буџетот за идната година предвидени се само 3,9 милиони евра или половина милион евра помалку.